Во BMW се убедени дека можат да ја задржат силната позиција во Кина, нивниот најголем пазар, затоа што марката со својот премиум статус се наоѓа под помал притисок од локалните ривали, во споредба со марките што одат на максимална продажба. Тоа го кажува извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе.
Марките со голем продажен волумен на глобалните автомобилски концерни, во изминативе месеци се најдоа под засилен притисок од домашните марки на кинескиот пазар. Ценовните скусувања што Tesla ги започна во јануари, исто така ги ставаат под притисок продажбата и заработката.
Ципсе вели дека производителите на премиум автомобили, каков што е BMW, подобро се изолирани од притисокот.
„Неколку производители во моментов ги намалуваат цените – во некои случаи, значително – со цел да стекнат пазарен удел,“ кажа Ципсе при соопштувањето на билансот од работењето на компанијата во првиот квартал. „Во групацијата BMW, имаме силна позиција во Кина.“
BMW во првиот квартал беше најпродавана германска премиум марка. Продажбата во Кина се намали за 6,6 проценти, на 195.100 возила. Продажбата на Mercedes-Benz во исто време се зголеми на околу 190.000 возила, наспроти 186.000 возила во истиот квартал лани. Audi на пазарот во Кина продаде за 16 проценти помалку возила во првото тромесечје, точно 137.315 возила.
Ципсе посочи дека BMW продал „значително повеќе електрични возила во Кина“ во споредба со традиционалните ривали и „исто така повеќе од голем број нови производители. Тој не наведе колку електрични возила продал BMW во земјата.
Кина во 2022 година учествуваше со 33 проценти од вкупната продажба на BMW на светскиот пазар, со 791.985 возила, за 6,4 проценти помалку од преклани.
BMW во земјата го произведува електричниот i3, како и компактниот електричен СУВ со продолжено меѓуоскино растојание iX1 и електричниот СУВ од компакт класата iX3. До завршетокот на годинава, компанијата планира во Кина да нуди вкупно 11 целосно електрични модели, вклучувајќи и увозни модели.
Ципсе кажа дека моделите главно се продаваат по цена меѓу 350.000 јуани ($51.000) и 1 милион јуани ($145.000), каде што марката има помалку конкуренти.
„Кинескиот пазар расте најбрзо во основниот сегмент – за разлика од тука, во западниот свет, каде што е токму спротивниот случај“, коментира директорот.
Кинеските марки засилено притискаат врз премиум сегментот, со електрични возила што ставаат силен нагласок на напредна технологија. Марките како Nio, Xpeng, Aion, HiPhi и Li Auto, воспоставија нов пазар за домашните премиум автомобили, и постигнуваат солиден успех.
Европските премиум марки опстануваат силни во делот на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, коишто уште се популарни, иако пазарот засилено се движи кон електричните возила.
Mercedes напредува одлично
Mercedes постигнува одличен успех на кинескиот пазар, во најскапиот сегмент на премиум возилата.
„Постои силна конкуренција меѓу батериските електрични возила, додека ситуацијата на врвот уште ја владеат моторите со внатрешно согорување,“ кажа Харалд Вилхелм, директор за финансии на Mercedes, при претставувањето на резултатите на неговата компанија на крајот на април.
BMW лани го презеде Brilliance, зголемувајќи го својот удел во некогашната заедничка компанија на 75 проценти. Возила се произведуаат во две фабрики во Кина.
BMW оформи заедничка компанија и со Great Wall, којашто е именувана Spotlight Automotive и има задача да го развие новото електрично Mini. Автомобилот ќе се произведува во Кина, а почетокот на продажбата е планиран за последното тромесечје од годината.
















