Огранокот на Volkswagen во Америка почна повеќе да се осамостојува од седиштето на концернот во Волфсбург. Бразилскиот ветеран и директор во Volkswagen е назначен за нов главен дизајнер за матичната марка, првпат со надлежност посебно за пазарите во Северна и Јужна Америка.
Хозе Карлос „Џеј-Си“ Павоне, 45-годишен, кој веќе е шеф за дизајн на Volkswagen за Јужна Америка, во своето портфолио ќе вклучи и одговорност за дизајнот на моделите за Северна Америка. Бразилецот ќе го менува наизменично своето работно место, меѓу дизајнерските студија во Бразил и во Калифорнија.
Павоне почна да работи во Volkswagen во родниот Бразил во 2002 година. Во својата 21-годишна кариера, тој има работено и во Германија и во САД, вклучувајќи петгодишен период (2011-16) во дизајнерското студио на VW во Белмонт, Калифорнија.
Меѓу моделите што Павоне ги има сработено за северноамериканскиот пазар се вбројуваат генерацијата на Jetta од 2011 година и генерацијата на Passat од 2012 година. Од моделите за Јужна Америка, меѓу неговите понови креации се компактните кросовери Nivus и Taigo. Тоа се воедно првите модели на VW што се дизајнирани во Јужна Америка и што се продаваат во Европа. Уште еден модел за пример е лимузината Virtus.

Во соопштението од производителот, Павоне наведува дека неговото искуство, „со тоа што сум роден во Сао Пауло, што имам работено седум години во седиштето во Волфсбург, пет години во дизајнерскиот центар во Калифорнија и седум години како директор за дизајн во VW во Јужна Америка – ми овозможува да поседувам вистинско разбирање на трендовите и барањата на секој регион.“

Извршиот директор на VW Group of America, Пабло Ди Си, цени дека назначувањето на дизајнер што ќе биде одговорен за регионот е чекор напред, за марката да стане порелевантна и да го зголеми својот пазарен удел на северноамериканскиот пазар. Долгорочната цел на групацијата е сите нејзини марки заедно да постигнат 10 проценти удел на пазарот во Северна Америка.
















