Поминати се три децении, откако Porsche преку концептниот автомобил со име Boxster го најави идниот мал родстер со средишно вграден мотор. Првиот сериски Boxster се појави во 1996 година и помогна Porsche да ја зголеми продажбата.
По првите Boxster и Cayman, следеа уште три генерации од родстерот и од неговата купе-изведба. Во 2025 година следи голема промена во погонот. Boxster и Cayman ќе почнат да возат чисто на струја. За да му оддаде чест на моделот, Штутгарт го заокружува последното поглавје на 718-ките со исклучителна изведба на Boxster.
Новиот Spyder RS не само што е прв модел без покрив што ја носи обврзувачката ознака RS, туку е во исто време и последна моделска изведба на 718 со мотор со внатрешно согорување. Веднаш зад предните седишта работи 4,0-литарски боксер со шест цилиндри, без турбонатполнење. Моторот потекнува од GT3, а тоа значи дека секој цилиндар има посебна придушница, дека моторот не запира сé до 9.000 вртежи и дека моќноста изнесува точно 500 КС. Тоа е еден од моторите што побудуваат најсилни емоции при возењето.
Истиот боксер работи и во купето 718 Cayman GT4 RS. Тој е наменет првенствено за тркачка патека, додека отворената каросериска изведба Spyder RS првенствено е замислена за уживање по споредни и планински патишта. Бројни примеси од GT4 RS се наоѓаат во спајдерот.
Предниот дел од возилото е речиси ист. Крилата и хаубата се изработени од карбон и изведени канали за воздух NACA заради ладење на сопирачките. Единствено продолжетокот на спојлерот е скусен, зашто така налага аеродинамичноста кај Spyder.
Нова каросериска боја е ванадиум сива металик. За разлика од GT4 RS, којшто има впечатлив заден спојлер во тркачки манир, кај Spyder RS помалку е нападен завршетокот на опашот
Инженерите на Porsche работеа посветено, за механизмот на покривот да го изведат колку е можно полесен и покомпактен. Платнениот покрив се состои од два дела – едниот е своевидна церада, другиот го затвора просторот целосно. Идејата со церадата е во тоа да се добие заштита од сонце или дожд, но пак да се ужива во звукот од моторот, затоа што нема задно стакло. Кога ќе затреба целосна заштита, тогаш се поставува и вториот дел. Според Porsche, покривот е проектиран за брзини до 200 километри на час. Со спуштен покрив, нема ограничувања, затоа што Spyder е наменет да се вози под отворено небо. Покривот се крева само кога е нужно.
Без електриката и комфорот на 718 Boxster, покривот тука е двојно полесен, со 18,3 килограми, наспроти 34,8 килограми. Spyder RS со своите 1.410 килограми е полесен пет килограми од GT4 RS. Ако покривот се остави дома, се заштедуваат уште осум килограми.
Веднаш зад потпирачите за глава се наоѓаат отворите за воздух. Во случај да се доплати за пакетот Weissach, овие отвори се изведени во карбон. Менаџерите во Porsche велат дека тоа се музички кутии – поради тоа што овозможуваат посебно доживување на звукот од моторот.
Подвозјето главно е исто со GT4 RS. Промени има во стегнатоста на пружините и амортизерите, затоа што Spyder RS не е наменет строго за тркачка патека.
Како што прилега за вистински RS, Штутгарт стандардно вградува школкести седишта и во Spyder. Секако дека не е главен изгледот, туку намената, за телото сигурно да се држи во свијоци. Средишниот појас може по избор да биде во сива или црвена боја. Арматурната табла е обложена со кожа. Доколку се избере пакетот Weissach, тогаш има алкантара место кожа.
View this post on Instagram
Посебен впечаток зад спортскиот волан без копчиња остава аналогниот бројач на вртежи, којшто мери до 10.000 вртежи, со црвено поле што почнува од 9.000 вртежи.
Главното доживување секако дека се перформансите. Штутгарт го испорачува моделот само со 7-степен менувач со двојна спојка со кус пренос. Спринтот до темпо сто трае 3,4 секунди, до темпо двеста трае 10,9 секунди. Највисоката брзина е споредна кај GT-моделите, но и тоа е бројка за почит: 308 km/h се за осум километри повеќе отколку кај 718 Spyder.
Испораките ќе почнат кон крајот на летото, цената е над 150.000 евра.
















