Директорот на Opel, Флориан Хутл: „Електромобилноста е нашиот стратешки компас“

Германската марка во концернот Stellantis, заедно со британската сестра Vauxhall, си постави агресивна цел да продава исклучиво електрични возила по 2028 година. Новиот извршен директор на Opel, Флориан Хутл, во јуни 2022 година го наследи Уве Хохгешурц, кој сега раководи со севкупните операции на концернот Stellantis на ниво на цела Европа. Хутл продолжува со засилено темпо во насока на целосната електрификација на понудата на марката Opel и нејзината британска сестра Vauxhall.

Два модели што се од посебна важност за Opel, компактот Astra и СУВ-моделот Grandland, наскоро ќе бидат достапни и во целосно електрична изведба. Тие ќе им се придружат на два модели со електричен погон што веќе извесно време се присутни на пазарот и постигнуваат впечатлив успех, на електричните верзии на Corsa и Mokka.

На извршниот директор Флориан Хутл, летово му претстои уште еден голем предизвик. Opel стартува со агенциски модел на директна продажба. Што значи тоа и какви сé планови има за германската марка во концернот, со извршниот директор на Opel, зборуваа главниот уредник на Аутомотив Њуз за Европа, Даглас А. Болдак и уредникот на вести Питер Сигал.

Марките на Stellantis преоѓаат на агенциски модел на директна продажба во Европа. Каков е планот за Opel/Vauxhall?

Сега сме во завршницата на подготовката за првите пазари на коишто ќе го воведеме агенцискиот модел – Белгија, Австрија и Холандија. Тоа ќе се случи годинава. Пред неколку седмици постигнавме добри договори со претставниците на европските дилери. Тоа е проект во тек, затоа што станува збор за нов начин на којшто се пристапува до корисничкото искуство. Тоа значи дека дилерите ќе станат директни претставници на марката, место независни трговци.

Кои се предностите?

За нас, тоа претставува важно одредиште, за да создадеме корисничко искуство какво што клиентите денес очекуваат од секоја марка, посебно во автомобилскиот бизнис. Откако ќе го посетите Opel на нашата интернет страница, следен чекор е да отидете кај претставникот во неговиот физички салон – тоа ќе бидат идните агенти. На тој начин добивате комплетно искуство. Агенцискиот модел е предуслов за тоа, бидејќи можеме да гарантираме дека искуството ќе биде исто, во поглед на цената и понудата, како и во создавањето на онлајн и офлајн патување, коешто подобро соодветствува на денешницата.

Доколку има период кога побарувачката е намалена, дали со агенцискиот модел се избегнува преголема флексибилност во цените?

Во таков случај, ценам дека имаме бројни предности благодарение на поврзаноста што ја обезбедува таа агенција, поради јасната видлива линија што можеме да ја постигнеме. Цените, секако се контролираат, дискутираат и приспособуваат според тоа што ќе го увидиме на пазарот. Предноста на агенцискиот модел е во тоа што може да се реагира директно. Тоа е уште подобро, бидејќи имате многу подиректен допир со пазарот. Тоа ќе биде од голема помош додека се движиме низ овие турбулентни времиња.

Каква е книгата со нарачки на Opel во моментов и каква беше кон завршетокот на минатата година?

Бројот на нарачки ширум Европа се намали во последните неколку месеци, поради неколку фактори. Се соочуваме со инфлација, зголемени цени на возилата и голема макроекономска неизвесност. Забележавме дека приватните купувачи подзабавија со нарачките во последните неколку месеци, но од друга страна, уште се чека, почнувајќи од четири месеци за традиционален автомобил со мотор со внатрешно согорување или приклучен хибрид, до девет месеци за батериски електричен автомобил. Според тоа, уште се соочуваме со побарувачка којашто го пречекорува нашиот капацитет да ја покриеме истата, посебно кај електричните возила. Уште се бориме со постоечките нарачки.

Колку е долго идеалното време на чекање за марка како Opel/Vauxhall?

Купувачите обично очекуваат чекање меѓу три и четири месеци. Тие разбираат. Чекањето за електричните возила уште е предолго, но се скусува. Во минатата година имаше периоди кога се чекаше една година за електричен автомобил. Го подобривме нашиот производствен капацитет.

Opel Manta e-Copcept, прикажан во 2021, го навестува изгледот на идниот знаменосец на марката

Дали Opel се соочува со притисокот за намалување на цените?

Ситуацијата околу зголемувањето на цените почна да забавува. Приливот на нарачки што го добиваме, засега е на добро ниво, и не гледаме дека има притисок кај нашите дилерства. Тоа е дел од нашиот бизнис: Следење на цените. Тоа што треба да се преземе, е да се направи релевантна понуда за клиентите, што ќе биде профитабилна, и луѓето треба да бидат задоволни од производот.

Кои се Вашите очекувања за 2023 година во поглед на продажбата на Opel? Во 2022 година малку забавивте зад пазарот во Европа.

Ова ќе биде добра година. Пазарот е мошне динамичен во моментов. Очекувам Opel да ја зголеми продажбата во 2023 година во Европа, но и надвор.

Дали преговорите околу е-горивата влијаеја врз вашата продажба на електрични автомобили?

Во март имавме добар месец во поглед на нарачките за елеткрични возила, а дискусијата за е-горивата веројатно ги поведе луѓето да размислуваат повеќе за иднината на мобилноста и за видовите енергија што ќе бидат релевантни. Веруваме дека е-горивата се интересни за постоечките возила; тие имаат некои предности во поглед на намалувањето на вкупната емисија на СО2. Но, веруваме дека електричната мобилност е нашиот стратешки компас и сета енергија ја вложуваме во транзицијата кон достапна електромобилност по 2028 година.

Многу се зборуваше во изминатиов период околу трошоците за електричните возила. Дали Opel размислува за основен модел под Corsa?

Достапноста на електричната мобилност ја ценам како една од нашите најважни задачи, бидејќи производството на електричните возила е поскапо во споредба со традиционалните автомобили со мотор со внатрешно согорување. Постои општ предизвик за електричната мобилност да се направи достапна, и работиме напорно за да ја постигнеме вистинската цена. Тоа почнува од трошоците за нашите возила. Прво ни е потребно нашите возила да ја имаат вистинската големина – тоа се однесува на батеријата и на целата електрична погонска спрега, затоа што на нив отпаѓа најголемиот дел од трошоците за елеткричните возила. Многу е опасно ако се претера. Повеќе не се натпреваруваме за поголем досег, зашто тоа повлекува и повисоки трошоци. Тоа што го гледаме, на пример во Б-сегментот, каде што ги имаме Corsa и Mokka, досег од 350 до 400 километри е доволен. Нашите клиенти се научија на тоа, и со такви возила не постои проблем во секојдневното возење. Второ, тоа што го научивме е дека помалку луѓе настојуваат целосно да ги купуваат електричните возила. Тие си обезбедуваат мобилност преку моделите на лизинг или претплата, што донесуваат поголема слобода и помалку обрвски, така што клиентите извлекуваат корист од тоа што пристига како новина на пазарот.

Предложените норми за издувни гасови и емисија Еуро 7 се мошне контроверзни. Што ќе значат тие за дизел и бензинските мотори?

Цениме дека Еуро 7 не ѝ помага особено на индустријата, во стадиумот што таа го има достигнато денес. Цениме дека тоа е голем товар во поглед на инженерските ресурси и трошоците, во време кога би сакале нашата енергија да ја посветиме целосно во насока на електромобилноста. Од друга страна, тоа е норма за емисија и мораме да се справиме со тоа. Преку практичен пример, тоа значи дека мораме да одлучиме каде да ги вложуваме нашите ресурси. Ќе анализираме колку мораме да вложиме за моторите да одговараат на барањата, и ќе решаваме дали вреди да се вложува – имајќи предвид дека до 2028 година и без тоа ќе бидеме целосно електрифицирани. Во практична смисла, ќе исчезнат малите мотори во малите автомобили и дизел моторите. За малите мотори во малите автомобили, тоа е проблем, зашто тие се важен дел од достапната индивидуална мобилност. Некој што купува нов автомобил со мал бензински мотор, за да замени автомобил стар 10 години, пак дава голем придонес за подобрувањето на вкупниот СО2 отпечаток.

Opel ќе биде целосно електрифициран за околу пет години. Како ќе ги згаснувате моделите со мотор со внатрешно согорување?

Избравме мошне корисна стратегија за тоа преоѓање, а тоа е мултиенергетската платформа. Ако погледнете кај Astra, на пример, таа може да користи дизел, бензински, приклучен хибриден и целосно електричен погон. Наскоро ќе ја претставиме целосно електричната Astra. Автомобилите ги произведуваме на иста линија во нашата фабрика во Риселсхајм, со разлики главно во подната група и во електричнот погон. Вложивме во погон за батерии, така што сега ги монтираме батериите во фабриката, што прави да бидеме уште пофлексибилни. Зависно од брзината со којашто се одвива преоѓањето кон електричната мобилност, можеме да реагираме соодветно на побарувачката за одредени видови погон. Тоа прави преоѓањето во електромобилноста да биде многу лесно. Клиентите го избираат автомобилот, не самиот погон.

Каков удел имаат Corsa и Mokka на пазарот на електрични автомобили?

Corsa практично е глобален автомобил, така што ја продаваме и на пазари со многу ниска стапка на електрификација, какви што се Турција и Шпанија, но и на пазари со мошне висока стапка. Во 2022 година електричните автомобили учествуваа со речиси 20 проценти во продажбата на Corsa. Но, ако се земат пазарите, како што е Германија, учеството е 30 проценти. За Mokka, уделот е уште повисок. Во светски рамки сме малку над 25 проценти со електричната верзија, и сме над 40 проценти во Германија.

Дали на некои пазари сте над 50 проценти?

Секако, во некои нордиски земји, вклучувајќи ги Исланд и Норвешка.

Како ќе се развива вкупниот удел на електричните автомобили?

Кривата има форма на хокејски стап во последните 15 месеци. Во моментов е најважно тоа што не можеме целосно сами да го изведеме преоѓањето во електричната мобичност. Потребни ни се влади да ни обезбедат стабилни системи за поддршка, во време кога електричните возила уште се многу скапи. Исто така ни е потребно регионалните власти и градовите да обезбедат простор за јавни полначи. Со јавните системи од полначи уште не сме каде што требаше да бидеме. Потоа, потребни ни се дистрибутери на струја, што ќе ја постават мрежата. Штотуку се вратив од Турција, каде што електричните автомобили пред една година воопшто не беа тема; сега имаме државна помош, субвенции од даночниот систем, проекти за создавање јавна инфраструктура – и електричната мобилност одненадеж почна да се развива.

 

Следната генерација на Grandland треба да се појави во втората половина од 2024 година. Колкав ќе биде уделот на електричните возила во тој момент?

Наследникот на Grandland уште ќе користи мултиенергетска платформа. Тоа е важно во Ц-сегментот, затоа што таму уште има голем број возачи на долги релации. Автомобилот ќе има дизајн инспириран од батериските електрични возила, што ќе ја покажува важноста на аеродинамичноста. Во поглед на уделот на целосно електричните модели, верувам дека тој ќе биде на ниво што денес го постигнува Mokka (25 проценти). Тие ќе бидат важни уште од почетокот.

Дали ќе видиме подолга изведба на Grandland, слично на Peugeot 3008 и 5008, можеби знаменосец на марката?

Лани престанавме со производството на Insignia, којашто беше наш знаменосец произведен во Риселсхајм. Моделот не беше електрифициран и немаше голема иднина. Но, во исто време, германска марка каква што е Opel, со целосна гама на модели, има потреба од знаменосец. Работиме на нов знаменосец што ќе биде мошне различен. Имаме мошне прецизна замисла за тоа што сакаме да направиме. Тоа нема да се случи в година, туку подоцна, но ќе ги видите сите состојки на знаменосец, комбинирани со сите состојки што се потребни за модерен електричен автомобил од виша класа.

Opel нуди приклучни хибриди во гамата на Astra и на компактниот СУВ-модел Grandland. Како ќе се развива тој вид погон?

Кај Astra/Grandland, приклучните хибриди учествуваат со околу 25 проценти во продажбата. Ќе видиме што ќе се случува кога ќе ја лансираме целосно електричната Astra, но веруваме дека приклучниот хибрид е многу добра технологија за транзицијата. Таа ќе трае до завршетокот на деценијата; Во случајов на Opel, таа ќе трае до 2028. Доколку се користи правилно, можете да постигнете 2 до 3 литри гориво на 100 километри, што не може да се постигне со друга технологија. Дури е можно да се вози и со 1 литар на сто километри. Таа дозволува голем чекор напред кон нултата емисија, во поглед на смалувањето на потрошувачката, а пак имате целосна флексибилност. Тоа е првиот чекор кон електрична мобилност за голем број луѓе. Патем, забележуваме дека луѓето што еднаш ќе тргнат кон електричната мобилност, повеќе не се враќаат назад.

Претходна објаваKia ветува врвна климатизација во електричниот седумсед EV9
Следна објаваBMW не сака да се меша во ценовната војна на Tesla во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here