за

Mini Cooper ја стартува петтата генерација со погон на струја

Новата генерација на Mini почнува со електричната варијанта, по којашто ќе следат и бензинските изведби.

Вредностите на Mini во новата генерација остануваат во паметниот инженеринг, врвната возливост на го-карт, згодните детали, и секако мини-димензиите. Британците го најавуваат стартот на новата генерација со електричната варијанта. Место несмасното „име“ Mini 3-door, во иднина сите верзии на Mini со традиционалната изведба со три врати стануваат Mini Cooper.

Групацијата BMW го почнува обновувањето на моделското семејство на Mini со традиционалната каросериска изведба со три врати, со електричната варијанта Mini Cooper Electric. Два степени на моќност стојат на располагање во електричната верзија на моделот од новата генерација.

Досегашниот електричен Mini Cooper SE, присутен на пазарот од 2020 година, во минатата година забележа раст во продажбата од 25,5 проценти и беше далеку најпопуларен модел на британската марка. Лани од Cooper SE беа продадени повеќе од 43.000 примероци.

Денес секое петто продадено Mini вози со електричен погон. Неодамна марката одбележа и еден милион произведени примероци од Mini 3-door од тековната генерација. Славеничкиот примерок е испорачан на купувач во Канада.

Mini ветува електризирано чувство на гокарт, со моќно повлекување уште од првиот метар

Новиот модел ќе се нуди во изведба со 135 kW (184 КС), како MINI Cooper E, и како MINI Cooper SE, со моќност од 160 kW (218 КС). Литиум-јон батеријата е поставена во самиот под и придонесува за ниското тежиште на автомобилот, што понатаму дополнително го нагласува гокарт-филингот, заштитниот знак на марката.

Батеријата е поголема и сега има капацитет од 40,7 kWh во MINI Cooper E, односно 54,2 kWh во MINI Cooper SE. Досегот се движи меѓу 300 и 400 километри. Точните податоци уште не се наведуваат, затоа што претстои хомологирање на новиот модел.

Остануваат уште бројни детали до целосното претставување на моделот. Засега се открива дека багажникот ќе нуди поголема приспособливост за превоз на багаж.

Во фабриката на Mini во Лајпцих во ноември почнува и производството на новата генерација на Mini Countryman. Наспроти тоа, електричните модели ќе се произведуваат во заедничката фабрика со Great Wall Motor во Кина. Моделското семејство в година ќе го дополни Mini Aceman. Изведбите со бензински мотор ќе бидат воведувани постепено во новото моделско семејство на британската марка.

Mini ја имаше честа прв да извози круг низ цела Македонија во редакцијата на Аутомедиа

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електрична Toyota bZ4X, Прва Тура · Петстотини километри се цел свет

Porsche продаде повеќе возила, заработи повеќе