за

Електрична Toyota bZ4X, Прва Тура · Петстотини километри се цел свет

Тоа е веројатно најблагодарното чувство што може да се доживее во автомобил што е нов на автомобилската сцена во моментов. Електрична Toyota, иста како хибридна, со таа разлика што возењето на струја тука не престанува.

Електрична Toyota не мора да биде сензација. Светот одамна научи дека ова е марка што го владее електричниот погон. Од првиот Prius наваму, светскиот примус произведе далеку над 20 милиони автомобили со хибриден погон, вклучувајќи ги моделите на марката-амбасадорка на погонот, Lexus. Но, токму поради тоа, електричниот автомобил на Toyota е поважен од сите „тесли, ај-дија или икс-пенгови“. Ја почнуваме обемната серија тури со Toyota bZ4X. За почеток, запознавање на Водно.

Toyota bZ4X е како човек од почит. Од фамилијата. Кога тој ќе искаже став или ќе даде совет, никој не се сомнева во тоа. Кажаното едноставно се прифаќа, и порано или подоцна, се покажува дека тоа е точно. Поглаварска работа. Toyota го нуди својот прв батериски електричен автомобил, којшто е конструиран врз посебна платформа, што не ја дели со моделска изведба со обичен или хибриден погон, и никој не се сомнева дека и тој автомобил ќе функционира беспрекорно.

Кај друга марка можеби уште би постоело сомневање, дека сé околу електричниот погон е сработено верно, меѓутоа тој фактор на неизвесност отсуствува целосно кај bZ4X. Тука се седнува зад воланот или се зема патничко место, и се вози. Името на марката прави човек да има целосна доверба кога ќе прочита дека патниот компјутер пресметал досег од 432 километри. Тогаш, ќе бидат 432 километри. Процент, колку е полна или празна батеријата во моментот, во bZ4X не се покажува. Така решиле во Toyota и не е дека некој треба да се прашува околу тоа.

Ознаката на моделот се состои од beyond Zero (bZ), што сака да укаже дека Toyota прави и целиот процес на производството на електричниот автомобил да биде без емисија на СО2. Тоа е ознака за потсемејството батериски електрични модели што веќе почнува да се шири, со bZ3, на пример. Четворката на ознаката секако дека асоцира на RAV4, кој што е сличен со големината и со намената, но асоцира и на други „четворки“ во историјата на марката (Celica GT-Four), додека „X“ е веќе одамна дешифрирано дека значи кросовер.

Како изгледа, како се вози, што е изненадувањето во Toyota што вози целосно на струја, има ли некои чудни моменти? Сето тоа ќе биде обработено до детал во серијата објави што следи од возењата на „бзззззз…з“

За почеток, запознавање како секое друго, на Водно. Деветнаесетте километри се сосем доволни да се стекне првична претстава за тоа што може електричниот погон и како Toyota уште еднаш ја докажува вештината стекната со хибридниот погон.

Во видеото што е носечки дел во првата објава, прикажано е возењето по Водно, поаѓајќи од ИЗИИС, преку Свети Пантемејмон, Козле, Тафталиџе, до Центар.

Toyota bZ4X на поаѓање имаше досег од 311 километри и просечна потрошувачка од 23,6 киловатчасови на сто километри – нема појасно, моторите трошат литри на сто километри, електромоторите трошат киловатчасови на сто километри. Температурата на средината е 18 степени. Дневната километража прикажува 544 километри, времето е 13:41 часот.

Првиот впечаток е тивкото возење. Тоа не е новина, затоа што и кај хибридите е посветувано многу време и труд во изолацијата. Погонот со 150 киловати, што одговара на 204 КС, повлекува моќно, споредливо со трилитарски бензинец.

Намерниците покрај патот ја препознаваат електричната Toyota, гласот за неа е побрз од нејзиното појавување – луѓе го следат целиот пат што Toyota bZ4X го минува пред нив, нечујно и без миризба на издув

Сите очекувања велат дека досегот ќе почне да се скусува драстично, поради нагорнината, но bZ4X го задржува спокојството и брзо и лесно извозува до Средно Водно.

Податоците таму: 548 километри, просечна потрошувачка 51,5 kWh, досег 305 km, време 13:47 часот.

По повторното стартување, патниот компјутер покажува помалку оптимизам, па предвидува досег од 31 километар. Потрошувачката се коригирала на 52,2 kWh/100 km. Тоа е повисока вредност од таа што ја пријавува фабриката, меѓутоа ќе се смени драстично. Продолжува возењето, во 13:52 часот.

По кривулестиот пат до Свети Пантелејмон, со постојани благи спустови и искачувања, големо е ужувањето да се вози електрично. Се слушаат птиците, можеби од една страна затоа што нема звук од мотор да ги вознемирува, од друга страна, затоа што исто така нема звук од мотор, за да го потисне црцорот на птиците.

Тежината не се чуствува, тоа е пријатно изненадување. Кросоверот сепак тежи близу два тони, но техничарите умешно го каширале тоа. Погонот влече рамномерно и без доцнење, точно како на струја.

На паркиралиштето покрај манастирот, Toyota покажува досег 292 km, просек 34,7 kWh/100 км. Извозени се повеќе од 8 километри пат од стартот. Времето е 13:59 часот, температурата тука е 16 степени.

Главниот момент допрво следи, спуштање. Тоа значи пред сé дека електромоторот на bZ4X ќе дејствува како генератор при спуштањето и ќе ја испорачува енергијата во батеријата.

Како што напредува спустот, просекот продолжува да паѓа, а покажувачот за потонува во зелено, што значи дека батеријата се полни во возењето.

По пет километри надолу, се навестува исходот. Досегот доби седум километри и покажува 299 km, а просекот паднал на точно 18 kWh. На крстосницата кај Реплек, кросоверот има извозено 558 km, просекот е 13,3 kWh, досегот продолжи да се качува и покажува 301 километар.

На поаѓање на семафор, bZ4X „ненамерно“ е најбрз на стартот. Таква му е природата. Возењето во град е уживање, прво поради благородноста на самиот погон, второ поради исклучителното тивката звучна кулиса, трето поради амортизацијата. Се сé погодило. Во колона, техниката на електричната Toyota се малтретира далеку помалку отколку онаа во автомобилите со класичен погон.

По некое чудо, на поаѓање кај „Алумина“, досегот при стоење во место се зголеми на 303 km. Падна и просекот, па сега покажува 12,7 kWh.

На улицата Орце Николов, најпремолчената најградска улица во Скопје, додека останатите возила забрзуваат и запираат нервозно, bZ4X ужива во средината. Некаде пред кружниот тек, ова кусо појдовно патешествие ги покажува следните вреднсоти: Пат 563 километри, значи 19 километри од поаѓањето кај ИЗИИС, досегот 301 километар, просекот 12,9 kWh/100 km. Времето е 14:27 часот.

Половина пат, електричната Toyota го помина без да потроши енергија, односно го помина користејќи ја енергијата произведена при спуштањето. Ќе биде интересно возењето. И турите ќе бидат многу долги.

Има само еден проблем. Не слушнавме како звучи сирената. Некако немаше потреба од тоа. Оваа Toyota е како од некој друг свет, далеку од усмрдениот скопски воздух, повеќе отровен отколку што треба, па уште и оптоварен со врева од силни дизели што е нормално да бидат растропани по милион и уште некоја стотина илјада километри пат. Оваа Toyota одвај има поминато повеќе од 500 километри, има 10 години гаранција, плус 10 години и 1.000.000 километри гаранција дека батеријата ќе задржи најмалку 70 проценти од првичниот капацитет. Тоа секако дека не исклучува со истата батерија да може да се вози и до 20 години.

Сите технички податоци, цената и главните ставки во опременоста на тестираната Toyota bZ4X може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК

Toyota bZ4X 150 kW FWD (4×2) Comfort

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Десет големи работи што малкумина ги знаат за Suzuki

Mini Cooper ја стартува петтата генерација со погон на струја