за

Десет големи работи што малкумина ги знаат за Suzuki

Suzuki не е меѓу марките што креваат голема врева, а честопати прави нешта што се пред остатокот од браншата. Изненадува тоа што Swift е продаден во повеќе од 5 милиони примероци?

Зад скромната „фасада“ на Suzuki стои еден од најголемите производители на автомобили во светот. Јапонската марка произведува во фабрики на повеќе континенти, од коишто секоја година излегуваат повеќе од 3 милиони автомобили.

Неколку факти и бројки, што потсетуваат дека Suzuki е добро подготвен за предизвиците што ѝ претстојат на браншата во следните години.

1. Марка стара сто години

Suzuki во 2020 година одбележа еден век постоење. Мичио Сузуки во 1909 година ја основал Suzuki Loom Works, како претходница за формирањето на Suzuki Loom Manufacturing Company во 1920 година. По преименувањето во Suzuki Motor Co., Ltd. во 1954 година, компанијата го претставува својот прв автомобил (Suzulight), како и својот прв мотоцикл (Colleda 125). Три години пред тоа, компанијата развива помошен мотор Power Free од 36 cm³ наменет за поставување на велосипеди. Во 1990 година, името е сменето во денешното Suzuki Motor Corporation, со цел да се олесни експанзијата и глобализацијата на компанијата.

suzuki suzulight

2. Повеќе од три милиони автомобили годишно

Suzuki навистина е индустриски колос и во 2022 година произведе повеќе од три милиони автомобили (3.172.192 примероци). Suzuki се вбројува меѓу 15-те најголеми производители на автомобили, според бројот на продадени возила.

3. Светски производител со фабрика во Европа

Од вкупно 3.172.192 произведени возила, само 919.891 излегоа од фабриките во Јапонија, а останатите 2.252.301 од фабриките ширум светот (1.916.040 во Индија и уште 336.261 во повеќе држави). Vitara и S-Cross за европскиот пазар се испорачуваат од Унгарија, каде што секоја година се произведуваат повеќе од 100.000 возила. Во 2020 година, Естергом одбележа 3,5 милиони произведени возила од отворањето. Suzuki е важен играч и во Индонезија, каде што се произведуваат автомобили и мотоцикли. Таму неодамна беше произведено тримилионитото возило.

Suzuki Swift Ignis салон Миркат Македонија - Suzuki постигна рекорден удел на италијанскиот пазар

4. Водечка марка во Индија, трет најголем пазар во светот

Индија во 2022 година ја престигна Јапонија како трет најголем пазар во светот, со 4,25 милиони возила, по Кина и САД. Suzuki е водечки на индискиот пазар, со 1.613.625 продадени автомобили лани. Тоа претставува 50 проценти од вкупната продажба на автомобили во земјата. Компанијата располага со повеќе од 3.500 салони во Индија. Од основањето на сестринската компанија Maruti Suzuki во 1982 година, во земјата се продадени повеќе од 25 милиони автомобили. Во моментов во Индија се произведуваат и продаваат 17 модели. Maruti Suzuki ја зајакнува својата понуда од СУВ-модели, како и понудата на модели со хибриден погон и погон на метан, од коишто досега се продадени 2,1 милиони возила. Suzuki во земјата произведува и мотоцикли.

5. Големи вложувања во истражување и развој

Suzuki до 2030 година ќе вложи 14,2 милијарди евра во истражување и развој на одржлива мобилност (електрификација, СО2-неутралност и биогорива). На тоа следат уште 17,73 милијарди евра за осовременување на фабриките и изградба на нови фабрики за батерии, како и централи за производство на енергија од обновливи извори.

6. Роботи, летечки автомобили, транспортни дронови..

Suzuki склучува договори за соработка и учествува во бројни стартапи, заради споделување на новите технологии и развој на нови генерации возила. Suzuki Motor Corporation вложи во SkyDrive Inc. со цел да се реализира нова форма на мобилност, којашто се темели на „летечки автомобили“. Покрај тоа, склучен е договор со Applied Electric Vehicles Ltd. за развој на платформа за автономни електрични возила. Сличен е договорот со LOMB, за заеднички развој на автономни роботи за достава. Со компанијата PowerX Inc. се работи на развој на батерии и полначи.

7. Повеќе од 50 години во истражување нова енергија

Од развојот на Suzuki Carry Van Electric во 1970 година, нови погонски технологии се истражуваат веќе подолго од половина век. Во 1979 година, марката повторно го докажа својот пионерски дух, со развојот на Suzuki LH2 со погон на водород. Во истражувањето на новите форми на мобилност, создадени се Suzuki MR Wagon-FCV со погон со горивни ќелии (2001-2004) како и SX4 FCV (2008). Во 2022 година, марката почна со продажба на Twin, прв мини-автомобил со хибриден погон во светот. Suzuki Baleno SHVS (2016), исто така беше пред времето, со првиот модерен благ хибриден погон (MHEV).

Suzuki Vitara Strong Hybrid · Колку менува брзото возење кај хибриден погон?

8. Долг список модели што се продадени во милиони примероци

Suzuki голем број успешни модели, со долга историја, продадени се во повеќе милиони примероци. Suzuki Swift и Wagon R надминаа пет милиони продадени примероци, додека Vitara и Jimny се на пат кон четири милиони. Baleno исто така е над еден милион, а S-Cross само во Европа се продаде во половина милион примероци.

9. Иновациски и пионерски дух

Suzuki се впиша во историјата на автомобилите и мотоциклите со низа модели, коишто беа пред своето време и отворија нови сегменти. Тоа се покажува уште од првиот автомобил, од Suzulight, прв јапонски мини-автомобил од сериско производство и прв јапонски автомобил со мотор напред и погон напред. Suzuki Jimny во 1971 година се појави како ултракомпактен теренески автомобил. Во 1988 година, Suzuki Vitara беше првиот модерен теренец на марката. Кај мотоциклите, легенди се Suzuki Katana од 1980 (прв модерен Naked Bike), RG 250 Gamma од 1983 (прв мотоцикл за јавен сообраќај, што е речиси целосна реплика на тркачки мотоцикл), секако Suzuki GSX-R750 од 1985 (првиот „хиперспортист“) или Burgman 400 од 1988 (прв Maxiscooter во историјата).

10. Храбри планови за иднината

Suzuki си постави цел, до 2050 да биде СО2-неутрален во Јапонија и Европа, и до 2070 година во Индија. Во рамките на стратегијата за развој до 2030 година, планот е електрични автомобили да се пуштат во продажба на пазарите во Јапонија, Европа и Индија во периодот од 2023 до 2030 година. Suzuki нема да нуди само батериски електрични автомобили, туку и возила со мотор со внатрешно согорување, што користат метан, биогас или етанол. Кај мотоциклите, првиот модел со батериски електричен погон се планира за 2024 година. До 2030 година, Suzuki ќе стартува со 8 модели, од коишто два се батериски електрични возила. Кај мотоциклите со мотор голема зафатнина, исто така се планира погон со климатски неутрални горива.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тристотини електрични Fiat 500 за изнајмување низ Париз

Електрична Toyota bZ4X, Прва Тура · Петстотини километри се цел свет