Германскиот производител на спортски автомобили Porsche AG, ги надомести зголемените трошоци во почетокот на годината, преку повишувањето на цените на моделите.
Производителот од Штутгарт, што е во мнозинска сопственост на концернот Volkswagen, во првиот квартал постигна значително зголемување на продажбата, во споредба со истиот период лани, кога уште се чувствуваа последиците од пандемијата и дополнително притискаше кризата со недостигот од компоненти. Тоа влијаеше мошне позитивно и врз деловниот биланс за првите три месеци од 2023 година. Porsche сепак останува на плановите што се поставени за годинава. Вредноста на привилегираната акција, по објавувањето на билансот се намали за 2,4 проценти.
Откако Porsche ги понуди своите акции за тргување на берзата лани во септември, хартиите од вредност им поскапеа значително на инвеститорите. При издавањето на акциите, нивната вредност изнесуваше 82,50 евра. Оттогаш, вредностa се зголеми за близу една третина, на 108 евра.
Инвеститорите веќе подолго време ја ценат компанијата на берзата повисоко, отколку целиот концерн Volkswagen. Вредноста на привилегираните акции на Volkswagen остана речиси непроменета.
Резулатите од првиот квартал биле „по малку слаби“, оценува аналитичарот Филип Хушоа од инвестициската банка Jefferies. Пазарот очекувал нешто повисока оперативна добивка, како и поголем прилив на пари. Нема изненадувања во објавените бројки од компанијата.

Како што беше објавено претходно, Porsche во првите три месеци од годината испорачал 80.767 возила, што претставува раст од 18 проценти. Лани продажбата уште трпеше последици од нередовното снабдување со компоненти, како и од пандемијата.
Прометот во споредба со првиот квартал лани пораснал за 25,5 проценти, на вкупно 10,1 милијарди евра. Просечната цена на продажба по возило се зголемила од тогашните 107.000 евра на сегашните 116.000 евра.
Цените ќе продолжат да растат
За мошне позитивниот биланс придонесоа повисоките цени, од една страна, и поместувањето на продажбата кон поскапите модели, од друга страна. Според наводите од компанијата, побарувачката останала иста. Бројот на пристигнати нарачки во првиот квартал бил повисок од очекувањата на компанијата, изјави директорот за финансии Луц Мешке во телефонската конференција.
Porsche ќе продолжи со зголемувањето на цените. Концернот најави поскапување на своите модели на пазарот во САД меѓу четири и осум проценти, коешто би требало да се реализира во втората половина од годината.
View this post on Instagram
Оперативната добивка на концернот порасна во речиси ист обем со прометот, на 1,84 милијарда евра, што е за 25,4 проценти повеќе отколку во првите три месеци во 2022 година. Аналитичарите главно очекуваа нешто повисоки вредности. Оперативната маржа останува на ланското ниво, со 18,2 проценти. Пораснале трошоците за енергија, материјали, суровини и логистика, исто како и трошоците за дистрибуцијата и за администрацијата. Нето добивката се зголемила за 39 проценти, на 1,41 милијарда евра.
„Пазарите остануваат непредвидливи во светски рамки – тоа прави да бидеме повеќе задоволни со нашите бројки“, кажува директорот за финансии Луц Мешке. Проблемите со снабдувањето уште не биле целосно надминати во првото тромесечје. Тоа главно се однесува на синџирот на испораки од добавувачите, како и на недостигот од делови за електричните автомобили. Деловите што купувачите ги нарачале за да им дадат сопствен печат на своите автомобили, исто така биле тешки за набавка.
Елктричниот Porsche Macan стартува во 2024 година
Електричниот спортски крстосувач Taycan во првото тромесечје имал незначително намалена продажба во споредба со лани. Кај него имало потешкотии во набавката на високонапонскиот систем за греење, кажува Мешке. Во следните месеци сепак се предвидува значително зголемување на продукцијата. Откако целосно електричните автомобили во првиот квартал постигнаа удел од 11 проценти во продажбата, Porsche за цела 2023 година очекува да биде постигната поставената цел, и уделот да се движи меѓу 12 и 14 проценти.

Експертите имаат големи очекувања од стартот на целосно електричната изведба на Macan. Станува збор за една од најпродаваните моделски серии на Porsche. Планираниот старт за следната година останува непроменет. Мешке не наведува кога точно би почнала продажбата.
Новиот модел уште е во завршните тест возења и се работи на усовршување на софтверот. Според првичните планови, електричниот Macan веќе одамна требаше да биде во продажба. Причина за забавувањето е доцнењето на софтверот што концернот го развива самостојно. Можно е да се користи усовршена варијанта на постоечкиот софтвер, место да се применува целосно нова софтверска генерација.
















