Почетокот на продажбата на новите модели се одложува постојано, а неодамна дури и им се запали возило во салон во Келн. Тоа е само дел од големите проблеми со коишто се соочува виетнамскиот прозводител Vinfast.
Сомневањата околу виетнамскиот производител Vinfast почнаа уште при најавувањето на мошне амбициозните планови. Сега се покажува дека сите тие сомневања биле оправдани.
Повторно се одложува почетокот на продажбата на целосно електричните СУВ-модели VF 8 и VF 9 во неколку европски држави. Одложувањата се на шест, односно дури 18 месеци. Тоа и официјално го потврди производителот од Виетнам.
Прво се најавуваше дека возилата ќе бидат испорачани во последното тромесечје лани. Потоа, стартот беше одложен за првиот квартал годинава, за испораката на VF 8 сега да се одложи за третиот квартал од 2023 година.
За поголемиот модел VF 9, сега ќе мора да се чека дури до вториот квартал 2024 година. Неговиот пазарен старт претходно беше најавуван за завршетокот на 2022 година.
VinFast одеднаш почна да го префрлува вниманието на помалите електрични модели VF 6 и VF 7, ветувајќи дека ќе почне да ги испорачува кон крајот на 2023 година.
Пожар во салонот на Vinfast во Келн
Од најавените 25 салони во Германија, отворен е само еден, во Келн. Но, и тој мораше неодамна да ги затвори вратите, затоа што според пишувањата на германските медиуми, на 20-ти март се запалило едно од изложените возила во салонот.
Тоа е само вовед во критичната ситуација што владее во компанијата. Од четирите модели што треба да се продаваат во неколку европски држави, ниту еден уште нема добиено хомологација. Проблемот не се однесува само на Европа. Првата бродска пратка со 999 возила Vinfast за пазарот во САД, мораше три месеци да мирува на пристаништето во Бениша, Калифорнија. Возилата не можеше да се регистрираат за сообраќај по патиштата во САД.
Виентамците мораа да ги менуваат плановите. Производителот наведува дека во март биле испорачани првите 45 возила во Европа. Но, возилата имале помала батерија, а со тоа и помал досег, од првичните најави. Планот за Vinfast да се пробива на светскиот пазар, засега не се реализира, а нема ниту изгледи дека тоа ќе се случи во блиска иднина.
Основачот на VinFast не планира да троши уште пари на електричната марка
Во минатата пролет, владата на германската сојузна покраина Мекленбург-Форпомерн се залагаше силно за изградба на фабрика на Vinfast во Германија. Виетнамците дури беа расположени да ја преземат и фабриката на Opel во Ајзенах. Производството во Европа требаше да почне во 2025 година. Од сите најави, ништо не се оствари.
















