за

Новиот шеф на Toyota во три чекори ќе направи бум во електричните автомобили

Извршниот директор на Toyota, Коџи Сато, зацрта план во три чекори, за „значително зголемување“ на продуктивноста и профитабилноста на Toyota, со претстојната низа електрични модели.

За електричните возила да бидат профитабилни, за Toyota е исто толку едноставна задача, како да се изброи 1, 2, 3. Тоа е визијата на новиот извршен директор Коџи Сато, кој зацрта стратегија што се состои од три чекори, за продуктивноста и профитабилноста да се „зголемат значително“ до 2030 година, за претстојната низа модели со електричен погон на Toyota.

„Тоа ќе биде различен концепт од тој што го имавме досега,“ најави Сато, 53, на средбата со медиумите во петокот. „Кога ќе дојде времето за Чекор 3, продуктивноста би требало да биде зголемена значително.“

Сато, кој ја презеде водечката функција во Toyota на 1-ви април, има задача да го забрза преоѓањето на јапонскиот примус во светската трка во електричните автомобили. Менаџерот посочи дека најголемиот производител на автомобили во светот, во моментов е во првиот од трите чекори со електричните автомобили.

Toyota ќе премине во втората фаза во текот на 2026 година. Тогаш ќе биде воведена целосно нова платформа за електрични возила. Производствениот капацитет во сите фабрики на Toyota ширум светот, исто така ќе биде зголемен дотогаш, за да може да се постигне планираната продажба од 1,5 милион електрични возила годишно во светски рамки.

Третата фаза ќе отпочне откако Toyota ќе го развие новиот софтверски систем за своите автомобили. Тој софтвер, воедно ќе овозможи и отворање нов канал за постигнување промет. Во последната фаза ќе бидат воведени и нови бизнис модели, како и хиперефикасни циклуси за развој на нови модели.

Од ланската премиера на електричната bZ4X во Тојота Авто Центар

Новата стратегија што се развива, ќе овозможи идните електрични автомобили на Toyota да постигнуваат двојно подолг досег. За тоа да се постигне, батеријата ќе работи поефикасно, а од друга страна, вложувањето во развојот и во производството ќе се преполови.

Зголемената продуктивност ќе ѝ овозможи на Toyota да ги намали цените и да ја зголеми продажбата, кажува Сато.

Откако ќе се постигне ниво на продажба од 1,5 милион електрични возила во 2025 година на светскиот пазар, следната цел на Toyota е продажбата да продолжи да се зголемува до околу 3,5 милиони електрични возила до 2030 година. Тоа е периодот во којшто веќе ќе биде целосно реализиран Чекор 3.

Зборувајќи за планираното забрзување со електричните авотмобили, Сато кажа дека „ние штотуку почнавме.“

Трите чекори на Сато за електричните автомобили на Toyota

Чекор 1 беше направен лани, со почетокот на продажбата на подмарката електрични возила bZ, коишто се конструирани врз платформата e-TNGA. Главниот модел bZ4X, што треба да ја влече целата марка напред во ерата на електричните автомобили, имаше бавен старт, затоа што Toyota мораше да ги повика возилата на дополнителен зафат во сервисните работилници, затоа што постоеше можност да отпаднат тркалата.

Тоа секако дека беше производ на политичка игра – малку кој поверува дека на Toyota може да ѝ се случи тркалата да отпаднат. Целта беше гигантот да се забави во ерата на електромобилноста, којашто Toyota и фактички ја започна пред повеќе од четвртина век, со својот хибриден Prius.

Сато посочи дека Toyota научила од своите погрешни чекори и ја применува поуката во развојот на новата платформа.

„Ќе преземеме брзи подобрувања и зафати, за привлечноста и моќта на моделите да се подобри,“ кажува Сато. „Тоа ќе го постигнеме во забрзана постапка.“

Чекор 2 ќе биде воведување на автомобилскиот оперативен систем Arene, којшто се развива во прочуениот софтверски огранок Woven by Toyota, во минатото познат како Woven Planet.

Сато го опишува третиот чекор во идната гама електрични автомобили на Toyota како еден вид торта со три слоеви. Носечката подлога е нова, средниот слој се состои од оперативниот систем Arene, а глазура се софтверските услуги.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Механичката основа, односно тоа што општо се води како автомобилска платформа, ќе се конструира од ново, со цел да се извлечат највисоките можни перформанси од електричниот погон, како и најдобро да се искористи просторот.

Оперативниот систем Arene претставува поедноставен интерфејс, којшто овозможува сите компоненти во автомобилот да „зборуваат“ меѓу себе. Тој воедно ќе овозможи брзо и едноставно обновување на софтверот, што на тој начин постојано ќе се усовршува.

Софтверските апликации, што Сато ги опиша како глазура на тортата, претставуваат нов вид на услуги во возилото, што се базираат врз софтвер, и коишто на Toyota ѝ овозможуваат да отвори врата за нов прилив на финансии и за нови бизниси.

„Софтверот ќе донесе нешто што претходно било незамисливо во автомобилите,“ најавува Сато. Шефот на Toyota сепак не открива кои ќе бидат идните нови бизниси на компанијата.

Toyota е изложена на засилен притисок во новиот бран ривали, коишто доаѓаат и од Силиконскта Долина и од Кина. Тие ги предизвикуваат производителите со долга традиција и воведуват нови начини на конструирање и продажба на своите возила. Овие новодојденци, ослободени од товарот на фабрики што се стари со децении, како и од синџири од добавувачи што се специјализирани за мотори со внатрешно согорување и од широка мрежа продажни салони, постигнуваат огромни заработки.

S&P Global цени дека маржата на Tesla се движи околу 20 проценти. Наспроти тоа, оперативната маржа на Toyota, којашто како компанија е моќна и надвор од автомобилската индустрија, изнесува само 10 проценти.

Очекувањата на Toyota дека ќе постигне поголема профитабилност со електричните возила, се темелат врз гигантскиот волумен од 10 милиони возила, вели Сато. Потпирајќи се врз континуираната продажба во различни региони ширум светот и врз низата од профитабилни возила со хибриден погон, Toyota располага со доволно кеш за да го финансира производствениот бум на електричните возила.

Toyota гледа голем потенцијал за своите модели со хибриден погон на пазарите што се наоѓаат во развој. Проширувањето на пазарот во региони, како што се Југоисточна Азија, Латинска Америка или Африка, на Toyota ќе ѝ донесе профит што понатаму може да се вложи во електрични возила, наменети за пазарите во САД и Европа, каде што се очекува помал раст во продажбата.

Toyota веќе постигнува подобра заработка од хибридите, отколку од моделите што користат само бензински мотор.

„Веќе го имаме волуменот од десет милиони возила,“ кажува Сато. „Тоа е солиден темел, што ќе ни овозможи да го забрзаме вложувањето во нови подрачја во истражувањето и развојот. Десетте милиони возила се нашата најголема сила.“

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од големите планови на виетнамскиот Vinfast ништо не остана

Последните детали од новиот Mercedes E-Class пред утрешната премиера