Штутгарт денес ги објави последните детали од изгледот на новата генерација на Mercedes-Benz E-Class пред големиот настан во вторник, на 25-ти април.
Mercedes-Benz веќе одамна ги објави внатрешноста и страничната силуета на новата E-Class, а сега следи видео што ја покажува формата на светлата, профилот на маската и уште неколку обележја во коишто се препознаваат белезите на целото моделско семејство на марката со сребрената ѕвезда.
Брановидната линија во дното на светлата на новата E-Class во блага форма упатува на двојните тркалезни светла на иконскиот W123, а потоа и на W210 и W211.
Неизвесност внесува црната маска, којашто потсетува на маската кај електричните модели од подмарката EQ. Досега од германската марка немаше најави дека E-Class ќе се нуди и во чисто електрична изведба. Mercedes веќе го нуди EQE како електричен пандан во пазарниот сегмент во којшто припаѓа E-Class.
Традицијата на каросериските форми останува. Тоа значи дека на лимузината повторно ќе ѝ се придружи комбито T-Modell. Тоа, пак, повторно ќе се нуди во кросовер изведба, што е приспособена за теренско возење и ја носи ознаката All Terrain.
Tradition meets modernity, and sportiness.
The new E-Class – coming April 25, 5 p.m. CEST. #MercedesBenz #EClass pic.twitter.com/6EmviOmiLv— Mercedes-Benz (@MercedesBenz) April 24, 2023
За разлика од C-Class, тука покрај 4-цилиндарци ќе работат и шестцилиндарски мотори, бензинци и дизели (благ-хибрид). Гамата вообичаено ќе ја заокружат неколку изведби со приклучен хибриден погон.
Конкурентот BMW исто така подготвува нова генерација на серијата 5 за годинава. Баварците сепак ќе ја нудат новата „петка“ и во чисто електрична изведба, со ознака i5. Audi развива електричен A6 e-tron, но освен бројчената ознака, автомобилот нема ништо заедничко со моделот со класичен погон.
Тука можете да ја следите премиерата на новиот Mercedes-Benz E-Class
Спортските модели AMG ќе бидат претставени посебно. Mercedes-Benz не развива купе и кабриолет изведби од новиот E-Class. На нивното место ќе се понудат купе и кабриолет, коишто ќе ја користат техниката и платформата од C-Class, веројатно под ознаката CLE.
Историјата од ново: Mercedes ја прикажува внатрешноста на новата E-Class
















