Polestar се вселува во поранешната фабрика на Saab

Polestar ќе преземе дел од поранешната фабрика на Saab во Шведска, за да ја користи како дополнителен капацитет за развој и истражување.

Шведскиот производител на електрични возила ќе развива погонски единици за Polestar 5, конкурент на Tesla Model S, како и за родстерот Polestar 6, во објектот со површина од 15.000 метри квадратни во Тролхетан.

Polestar во својот нов центар за истражување и развој ќе тестира и погонски единици, електромотори и батерии за идните модели. Производителот ќе го изнајми објектот од градот Тролхетан.

Халата во минатото се користеше за развој на мотори на Saab, а потоа со исстат управуваше National Electric Vehicle Sweden (NEVS). Шведската марка Saab пропадна во 2011 година, додека NEVS ги прекина своите активности во минатиот месец.

Polestar располага со центри за истражување и развој во Гетеборг, Шведска, на оддалеченост од околу 90 километри од Тролхетан, и во Конвентри, Англија. Производителот на електрични возила, во својот центар во Англија развива сопствена платформа, со висок удел на алуминиум, односно со ниска тежина, што ќе се користи за идните Polestar 5 и Polestar 6.

Polestar 5, којшто е конкурент на Porsche Taycan, планирано е да стартува со производство во 2024 година, во фабриката во Чунцин, Кина. Кабриолетот со преклоплив метален покрив Polestar 6, исто така ќе се произведува во фабриката, почнувајќи во 2025 година. Фабриката е во сопственост на Geely, а со неа управува Polestar.

Polestar 2

Новите модели ќе поседуваат 800-волтна електрична архитектура. Моќноста ќе се движи околу 900 КС, а вртежниот момент исто така ќе достигне максимални 900 њутнметри. Спринтот од место до темпо сто трае 3,2 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 километри на час. За досегот се спомнуваат вредности од близу 500 километри.

Во објектот во Тролхетан веројатно нема да се произведуваат моделите на Polestar во блиска иднина, затоа што марката мора да ги користи фабриките на Volvo и Geely, во коишто се произведуваат модели врз заедничките платформи CMA, SPA2 и SEA.

Сите модели на Polestar се произведуваат во фабрики што се во сопственост на Volvo и Geely. Polestar стана самостојна марка во 2017 година, а нејзините акции котираат на берзата.

Моделот Polestar 2 од средната класа се произведува во Луцао, Кина, во фабрика што ја поседува Geely и под управа е на Volvo, а конструиран е врз платформата CMA.

Знаменосецот на марката, големиот СУВ-модел Polestar 3, ја користи платформата SPA2 и се произведува во фабриките на Volvo во Ченгду, Кина, и во Чарлстон, во сојузната американска држава Јужна Каролина.

СУВ-моделот во стил на купе, Polestar 4, планирано е да се произведува во фабриката на Geely во заливот Ханжу, Кина. Тој е конструиран врз платформата SEA.

Polestar планира годинава да ја зголеми продажбата во светски рамки за 60 проценти, на 80.000 возила. Тоа е под вредноста што производителот на автомобили ја имаше предвидено, кога компанијата првпат ги понуди своите акции на берзата. Целта за 2023 година беше продажбата да достигне 124.000 возила.

Најновиот проект на Аутомедиа

Претходна објаваЧешкиот премиер ја посети идната фабрика на Škoda во Виетнам
Следна објаваОд големите планови на виетнамскиот Vinfast ништо не остана

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here