Зошто би се лажеле дека токму автопатот ќе биде нормален?

Светот имаше ресетирање и колку толку се движи во добра насока. Тука исто така се погоди ресетирање, меѓутоа системот не може да се подигне. Има премногу багови, вируси и кратки споеви. Еден најобичен коментар, за тоа колку народов го засега тоа што ќе му се изградел автопат, коментар поведен од сестраниот хаос што молчешкум и наивно си го возиме секојдневно, а на којшто толку имаме свикнато, што повеќе и не го сеќаваме.

Ако појдете по автопатот кон Тетово или Куманово, ќе забележите колку е слаб
прометот. Ако појдете по споредните патишта, било да е тоа преку Групчин и Јегуновце, или преку Арачиново, ќе видите дека таму сообраќаат најмалку двапати повеќе возила.

Малку потаму, по автопатот по Велес, ќе забележите дека одвај има сообраќај. Неколку месеци наназад може да се препознае незначително заживување на сообраќајот, но тоа е само привремено, додека да заврши обновата на споредниот пат до Градско. По Неготино, кога ќе се сретне некој што исто така се намерил по патот, на човек му доаѓа да запре среде пат и срдечно да си се ракува. Ако случајно се погоди во моментот да наиде трето возило, и неговите патници ќе излезат да се ракуваат и да се радуваат на настанот. Целиот сообраќај се одвива главно по споредните патишта. Да не беше со децении оштетен патот преку Катлановско Брдо, веројатно и до Велес ќе се возеше оттаму.

А, автопатот кон Охрид? Патарините до Штип и Кочани? Мазниот автопат по скопската обиколница? Или делницата по Е75 по Петровец, којашто веројатно служи за експерименти, дали автопат може да се гради по пат на телекинеза.

Народов не ви бара автопати. Бега од нив. Прво, висината на патарината, во најмала рака е дрскост. Ако некој повеќе писмен бара идеја како да си ја зголеми читаноста, нека објави за патарините, за тоа колку се скапи и непотребни. Под повеќе писмен, се мисли на вистинските новинари, кои умеат да најдат подобар наслов од „Ајде, стварно да …“ Тоа што се добива како реакција, не е друго, туку е гневот на народот од глупавата наплата на патарина.

Спомнете ли вињета, пак, следи општо одушевување. Секој што пропатувал барем малку подалеку, знае што значи вињета. Словенците, на пример, уште одамна ја воведоа вињетата, и нормално дека таа им функцинира одлично. Причината, зошто паметните луѓе таму се решиле за вињета? Туризам. Под туризам не се подразбираат само странски гости, туку и домашните, што тргнале на винце во Ново Место, или можеби си ја освежуваат класиката – Блед, Постојна, Лашко.

Малкумина ги имаат посетено пехчевските водопади. Целата природа е доживување. Во Македонија, најубавата земја во светот, заробени сме во ситком-молови и во единствениот преживеан Градски парк, што за викенди се претвора во гасна комора од реките возила, но нема кој да каже за тоа. Заробени сме, затоа што за патувањето до Пехчево, треба да се плати патарина во Миладиновци (40 денари), во Кадрифаково (50 денари), во Преод (70 денари). Вкупно 160 денари, со враќањето 320 денари. Другпат нека биде до Берово. Уште 320 денари.

Десетпати во годината човек да се осмели да отпатува некаде, тоа би било сигурно преку 6.000 денари – за патарина. Толку чини годишна вињета во Словенија. Со таа разлика, што со неа може секој ден да се вози до одредиштето и назад, и за тоа да не се плати ниту евро повеќе. Сé е вклучено во вињетата.

До Гевгелија и велелепната Кожуф Планина? Тоа е веќе храброст. Дваесет евра, грубо. Кога ќе биде готов автопатот до Охрид, веројатно и за дотаму ќе треба да се одвојат по трисетина евра за секое патување.

Добро е некој да ги услиша и вредните мали стопанственици, што со комбе си ги носат производите секој ден до градовите. Имаат што да кажат и напатените „работопатници“, што каде секој ден мораат да го трошат автомобилот до Скопје, па уште мора и да плаќаат за лош пат.

Воздухот, кога ќе се отвори прозорец на патарина, мириса свежо, убаво? И, како што пишуваат поетите, се слуша црцорот на птиците? Ниту мириса, ниту е милозвучно, туку смрди и татни. Идејата дека животната средина, со сиот живот во неа, вклучувајќи го и човечкиот, можеби ќе се поштедат ако се избегне тоа силно забрзување и непотребно запирање, тешко допира до бозаџилниците и семкарниците, каде што годиниве се крои политиката.

Тоа е поглавјето за автопатот, од којшто народот просто не може да здивне, додека се одушевува слушајќи ги вестите.

Кое поглавје да биде следно? Кое е полошо од останатите? Земјава подолго од една деценија, ако не и точно деценија и пол, се наоѓа во вонредна состојба, поради увозот на тоа што некогаш било автомобил. Можеби беше интересно, кога пред петнаесетина години беа симнати сите рампи за увозот на стари автомобили. Така требаше да се донесат евтини автомобили, за народот да не се мачи со стари југовци, шкоди, стокецови.

Но, еве и по повеќе од една деценија, тие евтини автомобили уште не почнале да пристигаат. Тоа што сето време го гледаме се само луксузни и силни лимузини и џипови, коишто некогаш пред дваесет години им припаѓале на директори во Германија, на бизнисмени во Швајцарија, на лекари во Австрија.

Излезе дека сé било глума. Сакавме да се ставиме во филм и да глумиме на улица дека сме многу богати и силни. Една сцена што постојано ни се повторува на автопат – пак тој автопат: Додека возиш со нормално темпо 120, те престигнува некој со 120,5 на час, тоа трае две три минути, и се пика на два метри пред твојата кола, за потоа и тој да вози 120. Тој сега е напред, тоа е врвот. За тоа има и други зборови, меѓутоа може да послужи и описот дека тоа е глума. Вежбање сила.

Каде на друго место може човек толку да ужива во употребата на моќ, како што тоа е толку едноставно да се изведе во некогашните автомобили на германските директори? Некој се чувствува моќен поради својот степен на образование, некој поради реализацијата во бизнисот, некој е моќен затоа што припаѓа на угледна фамилија. Некој сосема трет си се гледа моќен, затоа што во неговата кола што некогаш чинела 80.000 евра – а сега 800 евра – може да вози побрзо од другите.

Од таа глупост со увозот на отпадот, земјава дојде во ситуација, кога евтин автомобил што се нуди на огласи е „бемве седмица“ од ’99, или „џип лимитид“ нов од 2004 година. Нека си вози кој што сака, но проблемот е во тоа што овие силни автомобили се оставени евтини по плацевите во нормалниот свет, затоа што загадуваат. За тие да се регистрираат за возење во Германија или Франција, чини повеќе отколку самиот автомобил. И тоа е апсурдот, кога тие автомобили ќе се донесат тука.

Загадувањето во „оваа земја“ (што авторот си ја сака најмногу на свет, но како и повеќето, во времево избегнува да го спомнува светото име) дојде со увозот на тој отпад, главно од Бугарија. Ниту загадуваат цементарници, ниту фабрики што не постојат, ниту загадуваат палежите на нивите или греењето на дрва, туку загадуваат единствено дизелите, со сосечен филтри за честички PM, неисправни, зачадени, усмрдени, каки за пред отпад.

Исто е загадувањето и во Скопје, и во Струмица, и Кочани, Тетово, Гостивар, Кичево, Куманово, Велес, Охрид. Во Аутомедиа досега е објавувано илјадапати, но земјава и до ден денес не може да се оттргне од тој инает, место да ја прифати вистината, па колку и да е таа болна. Загадуваат автомобилите, општо возилата. На тоа сме укажале со сите примери и анализи досега. Многу е веројатно, дека некаде во 2035 година, кога Европа ќе произведува, вози и живее со нулта СО2-емисија, и ќе ужива во чистиот живот, оваа земја ќе се освести дека уште е загадена поради дизелите што не загадуваат. Апсурдистан.

Целиот автомобилски свет се раководи и постапува соодветно на поуката дека дизелот (реално тоа се однесува главно на дизел со директно впрскување) загадува. Но, тука владее инаетот.

Сообраќајот во Скопје, може ли тоа да биде следното поглавје? Сте возеле некогаш низ Бит Пазар, по улица Даме Груев, кај клучката кај Момин Поток, или на сосем друг крај, од Драчево или Студеничани кон Скопје? Можеби кај славниот мол, на местото каде што Скопје порано имаше сајмиште, од времето на Градот. Кај мостот „Близнаци“. Од Влада кон Парк, во новата индустриска зона во градот?

Сообраќаен инженер е тешко веројатно дека се констултира за каков било сериозен зафат по улиците. Со божемното проширување на улиците, не се прави друго, туку само метежот се преселува до следната крстосница. Но, тоа не е проблем. Важно е да се работи и да се наплаќа. Тоа е главната причина зошто се зафатиле да го оправаат градот. Заради пари. Никој не мисли дали решението е добро или е погубно за народот, важно е да се „работи“.

Секој нормален град располага со јавен превоз. Градски превоз. Затоа се нарекува градски, затоа што служи граѓаните да ги пренесе од едно до друго место. Скопје има најпримитивна форма на превоз. Со сопствениот автомобил. Срамота е или под честа е, за човек да се качи во автобус и достоинствено и господски да биде превезен до одредиштето. Половина од сообраќајот низ градот се возачи што бараат паркиралиште. Обично во осум часот е веќе преполно околу Стадионот,. Грозна слика. Срамота, поточно. Нека се обиде некој да најде место за паркирање во Тафталиџе. Или многу пореално, место каде било од Влае до Ново Лисиче.

Градот нема доволно автобуси, нема трамвај, ниту тролејбус. Град рамен како Скопско Поле. Половина од луѓето не се решаваат да користат велосипед, затоа што ќе мораат директно да го вдишуваат отровниот воздух, и по пат да спасуваат глава додека баарат простор да поминат.

Заслужува ли едно поглавје да биде посветено за оние идиоти, значи токму идиоти, што земаат да престигнуваат, кога запирате пред пешачки премин, за да пуштите честит пешак да си мине улица? Еднаш да видевме полицијата да запира и да казнува за тоа. Само како пример дека и возењето е хаотично, исто како земјата со политика што се крои во семкарница.

Вестите зборуваат за милијарда и уште стотина милиони евра, за автопатот. Земјава ниту произведува автомобили или камиони со дизел мотори, ниту пак црпи нафта. Сé е увозно, туѓо. Да речеме дека сонцето е шансата на земјава. Сонцето произведува електрична енергија. Чисто, тивко, вечно. Да речеме дека панели може да се произведуваат во земјава. Да речеме дека сите ценети и способни професори и нивни инженери, можат без проблем да проектираат соларна централа. Да речеме дека дел од таа енергија може да се користи за електричните возила, коишто е сосем извесно дека стануваат стандард. Место да се чека следната катастрофа, не ќе да е на одмет, повторно да се состанат научниците во МАНУ и да направат национална стратегија, овојпат без да им се мешаат групер-министри и зелка-стратези.

За електрични автомобили има пари во земјава. Тие луксузни лимузини и џипови од мрсни триесет илјади евра, стари по десетина години, и тие донесени од бугарските плацеви, но одлично погодени за глумење аристокрација по улиците, вредат исто колку електричен автомобил. Единствено е разликата во тоа што електричните автомобили за тие пари се помали, тоа се модели од градската класа, значи автомобили од рангот на Peugeot e-208, Fiat Nuova 500 или Citroen e-C4.

Сé што треба да се направи e овие e-208, Nuova 500 или е-C4 да станат автомобили за глумење по улиците. Но, тоа е некоја друга глума, повисока глума.

И повторно кај милијардата. Ако државата помага со „германски“ 6.000 евра за купувањето електричен автомобил, тоа се близу 167.000 електрични автомобили во возниот парк во земјава. Со 7.500 евра, излегуваат субвенции за 133.000 електрични автомобили. Толку чини автопатот. Најмалку. И тоа е целата поента на овој коментар.

Во целиот овој неред, не може да се пропушти и тоа да се случува. Група тинејџери, неколку години наназад, пуштаат сликички од автомобили на интернет, бројат за која сликичка народот ќе даде најмногу гласови и прогласуваат најпосакуван автомобил на национално ниво. Народот од тоа треба да поверува дека автомобилите се нешто што служи за забава и разонода, и дека некој купува автомобил од 50.000 евра, само затоа што видел сликичка од автомобил на интернет со многу лајкови. Тоа веројатно е најверодостојната манифестација на општите случувања во земјава. Автомобилската сцена не заслужува вакви дебакли и понижувања. Купувањето автомобил, и општо обожувањето на автомобилите, заслужува многу повисок статус. Но, сé беше кажано уште во почетокот. Не може било што да мине непогодено од општата непогода во земјава. Посебно автомобилите.

Претходна објаваЕлектрична Kia е светски спортски автомобил на 2023 година
Следна објаваФранција: Електрично Peugeot за 150 евра месечно, 500 километри лимит

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here