Toyota Yaris летово доаѓа во освежено издание, со промени во изгледот на каросеријата, во кабината и во подвозјето, како подготовка за ново одмерување на силите во класата.
Yaris го следи стилот што јапонската марка го воведе со неодамна претставениот Aygo и со тоа се издвојува од унифицираниот изглед на моделите во неговата класа. Централен елемент во дизајнот на новото моделско годиште на Yaris се линиите што се вкрстуваат преку логото на Toyota и на тој начин ја делат редизајнираната маскана горен и долен дел. Задните светла исто така добија нов изглед и технологија со светлечки диоди. Динамиката на новиот опаш е нагласена со дифузор во браникот и со редизајнирано подрачје околу регистерската табличка.
Освежувањето внесе многу промени и во кабината, за Yaris да биде во чекор со трендовите што ги воведоа новите модели во градската класата. Јапонците ги послушаа забелешките на клиентите и го подобрија ентериерот на градскиот автомобил во три подрачја: Подобрено чувство на просторност и динамика, поубедлив впечаток за квалитет и поголем избор на бои и опрема.
Подвозјето претрпе неколку измени во насока на подобрување на комфорот и управливоста. Со внимателно следење на изборите на бучава и соодветни модификации во конструкцијата и изолацијата е постигнат подобар акустичен комфор при возењето. Понудата на мотори останува иста, а тоа значи два бензинци со зафатнина од 1,0 и 1,3 литар, како и еден дизелски мотор од 1,4 литар. Секако, Toyota ниту во оваа класа не го изоставува хибридниот погон.
Првиот човек на маркетингот на Toyota во Европа, Агустин Мартин открива: „Откако беше лансиран, Yaris е еден од главните столбови во нашата понуда на модели. Во минатата година, тој беше десетти најпродаван модел на европскиот пазар. Тоа што го прави единствен е достапноста на верзија со хибриден погон. Во реалноста на денешниот густ сообраќај, едноставно не постои друг начин да се постигне покофорен и порелаксиран превоз, како што во тоа успева хибридот. Се повеќе купувачи го осознаваат тоа.“
Понудата за актуелниот модел на македонскиот пазар почнува со Yaris 1.0 VVT-i Ready за 8.990 евра во каросериска верзија со три врати. Моделот со клима уред и пет врати чини 10.090 евра, додека Yaris Hybrid HSD е најевтин модел со хибриден погон на македонскиот пазар со цена од 17.490 евра и високо ниво на опрема Fancy. За промените во цените на освежениот модел и за почетокот на продажбата на нашиот пазар уште нема официјални информации.
















