Побарувачката за Purosangue е огромна, но италијанската марка ќе ја одржува неговата продукција во граници, за да ја сочува ексклузивноста на Ferrari и да го задржи имиџот на производител на спортски автомобили.
Каков автомобил е Ferrari Purosangue, најкорисно е да се послуша извршниот директор Бенедето Виња, кој вели „Purosangue е спортски автомобил, нешто единствено и различно, во коjшто нема компромиси во дизајнот и во инженерингот.“ Значи, новиот модел прво е Ferrari, а потоа е Purosangue. За претстава околу идејата со којашто е развиен новиот модел, може како пример да послужи токму покривот. Тој секогаш е изработен од карбон и има за цел да го спушти тежиштето на возилото.
Со почетна цена од 390.000 евра во Италија, Purosangue со својот мотор V12 ќе биде втор најскап модел на Ferrari од редовно производство. Поскап е единствено SF90, којшто стартува од 440.000 евра. Секако дека Маранело има и серии во ограничен број примероци, коишто чинат над 1 милион евра. Пример за тоа е Daytona SP3, со цена од два милиони евра.
Ferrari планира да започне со испорака на Purosangue во второто тромесечје од следната година, прво во Европа, за еден квартал подоцна да следат САД, а потоа и сите останати пазари.
За да ја сочува ексклузивноста на марката, како и продажбата на својата матична понуда од брзи и моќни купеа, родстери и кабриолети, Ferrari ќе го огранични уделот на Purosangue во годишната продукција на најмногу 20 проценти. Капацитетот во Маранело е 15.000 возила, што значи дека секоја година ќе се произведуваат по околу 3.000 примероци.
Преднарачките биле во толкав обем, што Ferrari размислува наскоро да ги затвори книгите со нарачки. Тоа го соопшти Енрико Галиера, директор за комерцијала и маркетинг, на настан за медиумите во присуство на Виња, што се одржа во Маранело на 8-ми септември. Нарачките официјално започнаа синоќа, по јавната премиера на Purosangue.
Долг пат на Ferrari до моделот со 4 врати
Ferrari се подготвуваше за модел со четири врати и четири седишта уште пред повеќе од 40 години, но немаше вистински концепт сé до пред четири години. Во 1980 година, Ferrari се откажа од производство на лимузина со четири врати, врз основа на концептот Pinin, што го дизајнираше Pininfarina. Галиера објасни дека дополнителната тежина на двете врати и долгото меѓуоскино растојание не дозволувале перформанси и возни својства на ниво на Ferrari.
Во почетокот на 2016 година, на прашање дали италијанскиот производител на суперспортски автомобили ќе ја прошири својата гама со СУВ, тогашниот извршен директор Серџо Маркионе коментираше, „прво ќе треба да ме застрелате“.
Во 2018 година, во Ferrari сепак станаа свесни, дека нивното искуство со променливата распределба на вртежниот момент и сопствената активна суспензија, ќе овозможат модел со четири врати што ќе постигнува перформанси на суперспортски автомобил.
„Инженерите работеа 48 месеци за Purosangue да стане реалност“, изјави директорот за развој на модели Џанмариа Фулгенци.
Автомобилот стандардно располага со карбонски покрив, со цел да се спушти тежиштето и воедно тежината на возилото да се сведе на малку над 2.000 килограми. Проектирањето на каросеријата од нула им дозволи на инженерите да изведат задни врати што се отвораат наназад. На тој се постигна лесно влегување и излегување, а се задржаа компактните димензии на каросеријата.
Одделението за дизајн почна да изработува цртежи уште во 2017 година. Првите модели во вистинска големина беа готови во 2018 година. Главниот дизајнер Флавио Манцони открива дека „тогаш беше избран тековниот стилски правец, што се развиваше понатаму.“
За новиот модел со развојна ознака F175, беше избрано името Purosangue, италијански од „чистокрвен“
„Шасијата, моторот и менувачот се целосно нови, додека повеќето од останатите компоненти се проектирани точно за овој модел, за да биде вистински чистокрвен“, коментира Фулгенци.
Во средината на 2018 година, Ferrari го потврди името Purosangue за новиот модел. Тогашниот извршен директор Луи Камилиери, за време на инвеститорскиот ден истата година најави дека моделот ќе влезе во сериско производство.
Фулгенци открива дека новиот 6,5-литарски V12 располага со 715 КС при 7.750 вртежи, со тоа што 80 проценти од максималниот вртежен момент од 716 Nm стои на располагање веќе при 2.100 вртежи. Purosangue е развиен врз основа на платформата што Ferrari ја претстсави во 2011 година, за својот прв модел со погон на сите тркала, купето со четири седишта FF. Тој модел во тековната понуда се води под името GTC4Lusso.
За тежината да биде распределена совршено, опдносно 49 проценти да отпаѓаат врз предната оска, а 51 проценти назад, моторот е вграден зад предната оска, со менувач вграден трансаксијално, односно зад задната оска.
Втор менувач со два степени, што инженерите го нарекуваат единица за пренесување на силата, поставен е пред моторот и додава погон на предната оска, до брзина од 200 километри на час.
Покрај активната суспензија, што Ferrari ја развиваше со соработка со канадскиот добавувач Multimatic, новиот модел поседува и управување на сите тркала, за да се подобри управливоста при високи брзини и маневрирањето при паркирање. Највисоката брзина надминува 310 km/h, спринтот од место до темпо сто трае 3,3 секунди.
Purosangue е долг 4973 mm, широк 2028 mm, висок 1589 mm и има меѓуоскино растојание од 3018 mm. Иако пропорциите се повеќе како на комбилимузина, отколку на СУВ, Purosangue нуди лесен пристап и излегување, со изобилство простор за сите четири патници – сите 4 седишта се идентични. Багажникот е со зафатнина од 473 литри, што е повеќе од кој било модел на Ferrari, а исто и задната клупа се соборува за да се смести поголем багаж.
Ferrari цени дека Purosangue нема директни соперници. Rolls-Royce Cullinan исто така има мотор V12, но тој е повеќе ориентиран кон комфор, отколку кон врвни перформанси. Aston Martin DBX со 707 КС постигнува солидни перформанси, но моторот е V8 со турбонатполнење, место атмосферски V12. На моделите од ковот на Bentley Bentayga и Lamborghini Urus им недостигат 200 КС до нивото што го нуди Purosangue.
„Останатите СУВ модели имаат високи перформанси, но не возат како спортски автомобили“, изјави Фулгенци.
Храбар чекор е направен во инфозабавниот систем. Менаџерите оценија дека нема корист да се вградува систем за навигација, кога апликациите на паметните телефони секогаш имаат посвежи информации, во вистински време. Затоа, навигацијата функционира само преку Apple Car Play и Android Auto. Софтверот во Purosangue не може да се обновува over-the-air.
Ferrari ќе овозможи обновениот софтвер да се вчитува over-the-air само кога ќе се постигне ниво на киберзаштита што нуди целосна безбедност во сите можни услови. „Хакерите во моментов не можат во Purosangue да направат ништо повеќе од менување станица на радиото“.
















