за

Ferrari Purosangue е распродаден, Маранело ќе запре со нарачки

Денот кога светот првпат го виде СУВ-моделот на Ferrari е воедно и „крај“ за моделот. Purosangue наиде на невидена побарувачка, во Маранело повеќе нема место за нарачки.

Новиот Ferrari Purosangue располага со мотор што произведува 715 КС и испушта 389 грами СО2 по километар. Ferrari и италијанската влада го подржаа вклучувањето на е-горивата во прописите за клима на ЕУ.

Нарачките за Ferrari Purosangue буквално експлодираа веднаш откако Маранело излезе со информација, дека тогашниот модел во најава ќе има мотор V12.

Ferrari може наскоро да ја затвори книгата со нарачки за својот прв модел со четири врати, Purosangue. Побарувачката е огромна. „Ризикуваме дека нема да можеме да ја задоволиме побарувачката и можно е за многу кусо време да ги затвориме нарачките“, изјави директорот за комерцијала и маркетинг на Ferrari, Енрико Галиера, на претставувањето на Purosangue пред медиумите во седиштето во Маранело.

Галиера не го открива бројот на нарачки што Ferrari ги доби уште пред денешното јавно деби на Purosangue, со што компанијата и официјално почна да прима нарачки за новиот модел. Менаџерот единствено додаде дека побарувачката за моделот што чини 390.000 евра, била над очекувањата на производителот.

Кај моделите што се изработуваат во исклучително ограничена серија е вообичаено таа да биде распродадена уште пред јавноста да ги види првпат. Но, тие серии обично се изработуваат во неколку стотини примероци, па и во серии под 100 проимероци, додека кај Purosangue веќе станува збор за продукција од неколку илјади примероци годишно.

За марката да ја задржи својата ексклузивност и продажбата да продолжи да се базира врз купеата, родстерите и кабриолетите, Ferrari ќе го ограничи уделот на Purosangue во продукцијата во Маранело на само 20 проценти. Годишниот капацитет на фабриката моментно изнесува 15.000 примероци, што значи дека годишната продукција на Purosangue не би требало да биде повисока од околу 3.000 примероци.

Галиера посочи дека вообичаениот пазарен век на моделите на Ferrari е четири до пет години. Тоа значи дека целата продукција на Purosangue нема да надмине распон меѓу 12.000 до 15.000 примероци.

Ferrari почнал да добива значителен број нарачки уште во септември 2018 година, кога компанијата најави дека Purosangue ќе влезе во сериско производство. Во минатиот мај, кога Маранело објави дека Purosangue ќе користи мотор V12, „раните нарачки експлодираа“, открива Галиера.

Ferrari не сака да ја применува стратегијата на конкурентските марки

Во Ferrari очекуваа Purosangue да предизвика огромен интерес и решија да го ограничат производството, за да не станат марка што се базира врз само еден модел. СУВ-моделите станаа бестселери во понудата на марките Aston Martin, Bentley и Lamborghini.

Ние имаме обврска кон нашите клиенти, и иако побарувачката е висока, продукцијата ќе ја ограничиме. Тоа е во согласност со нашиот генетски код, со мисијата на нашиот основач, и марката треба да остане екстремно ексклузивна. Единствен начин да се задржи ексклузивноста е да се контролира побарувачката и понудата“, вели Галиера.

Тој не открива колку нарачки се пристигнати за Purosangue од клиенти што се нови во марката, но посочи дека постоечките клиенти прво ќе ги добијат своите автомобили.

Purosangue привлекува голем број преднарачки од купувачи што досега немале автомобил Ferrari, бидејќи „помалку е впечатлив, може да се вози семејството, со децата, со пријателите, така што отвора големи можности за Ferrari”, коментира менаџерот.

Секој сопственик на Ferrari сака да има Purosangue, и нив мораме да ги наградиме, затоа што тие направија Ferrari да биде тоа што е денес“, заклучува Галиера.

Наскоро ќе објавиме повеќе детали за новиот модел на Маранело.

За работа во Ferrari сонуваат три четвртини Италијанци

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pagani Utopia чисто без струја

Ferrari Purosangue не е СУВ, само има 4 врати