Неговото височество, Пагани Третиот. Факт е дека ова е само трет нов модел во историјата на италијанската луксузна марка Pagani. Нивната Utopia доаѓа по Zonda и по Huayra.
Pagani секогаш имаше по некој нов автомобил во изминативе години, но притоа секогаш стануваше збор за изведби врз основа на постоечките модели. Затоа многумина ќе се изненадат откако ќе дознаат дека Utopia е само трет модел на Pagani. Во 1999 година, Италијанците ја претставија прочуената Zonda, со интерна ознака C8, потоа во 2012 година следеше Huayra со интерен код C9, за сега да следи Utopia, со фабричката ознака C10. Со новиот модел, Pagani се враќа на своите корени, на Zonda.
Првото прашање, секако, колку е моќна Utopia? Шестилитарецот од AMG со 12 цилиндри во V со битурбо натполнење, постигнува 864 КС, но тие мора да се соочат со тежина од само 1.280 килограми. Очигледно е дека во Сан Чесарио сул Панаро не се работи со цел да се направи најбрзиот и најсилен автомобил на планетата. Тоа им е работа на Bugatti и Koenigsegg. Во оваа марка се работи за фини нешта, иако брзината и моќта секако дека и тука главен поттик за работа. Тоа што родениот Аргентинец Хорацио Пагани го прави со своите автомобил, повеќе е автомобилски филигран, создаден со цел да понуди врвно возачко уживање.
Pagani Zonda е ремек дело. По 23 години откако светот првпат го виде автомобилот, од фабриката во Италија уште излегуваат возила со таа техника. Тоа се HP Barchetta и 760 Roadster.
При развојот на Huayra, Хорацио се впушти во предизвикот да направи автомобил што ќе биде подобар од Zonda. Инженерскиот генијалец тогаш дојде до заклучокот дека таков автомобил не може да се конструира. Затоа Huayra не се води како наследничка на Zonda, туку е сосем различен модел. По повеќе од 300 продадени примероци од Huayra во сите варијанти и бои, мора да се признае дека моделот постигна одличен успех.
За третиот модел, Хорацио Пагани повторно си го постави истото прашање. Тој имаше сопствени идеи како да ја изведе Utopia, но овојпат беше избран сосем друг пат. Клиентите имаа влијание врз развојот на новиот модел. Уште во почетокот на развојот беа консултирани некои од најверните клиенти на Pagani. Прашањето беше, што тие очекуваат од новиот модел? Одговорите главно се водеа околу три нешта: Возачко уживање, лесна конструкција и едноставност.
Со овие три водилки се пристапи кон развој на моделот. По шест години, илјадници нацрти, десет модели 1:5, еден автомобил за аеро тунел и двa мок-апи во вистинска големина, Utopia е завршена. Новиот автомобил им пркоси на речиси сите тековни трендови меѓу хиперспортските модели.
Додека повеќето возила во оваа класа користат хибриден погон и се електрифицирани, C10 или Utopia не мора да носи тешки батерии, и тоа се огледува и во тежината од само 1.280 килограми. За тежината да се сведе на најмала можна мера, не се користи ниту менувач со двојна спојка. Клиентите строго бараа мануелен менувач и Pagani постапи соодветно.
Типичен Pagani, но и различен
Да се дизајнира комплетно нов автомобил не е лесна задача. Уште потешко е кога постоечките мерила се поставени високо, како што е случај кај Pagani. Предизвикот за Хорацио беше да се дизајнира безвремен автомобил, што не им подлегнува на тековните трендови.
Од друга страна, целта беше Utopia од прв поглед да се препознава како Pagani, но пак да биде различна од останатите модели. По две светла на секоја страна се стандард за моделите на Pagani, но светлата кај Utopia првпат се поставени под заедничко стакло. Додека носот кај претходниците завршува остро, новиот модел има заоблен нос и само во средишниот дел се препознаваат обележјата на марката. Предниот дел повеќе личи како спој меѓу Zonda и Huayra.
Pagani Utopia изложена во Националниот Музеј за Наука и Технологија во Милано, покрај оригинални цртежи на Леонардо да Винчи
Назад исто така се препознаваат цитати од Zonda. Место по три, назад има две светла по страна, со дизајн што потсеќа на млазна турбина. Голем предизвик беше аеродинамичнсота, затоа што уште од старт беше утврдено дека Utopia нема да добие масивен спојлер. Место тоа, се користи активна аеродинамика, исто како кај Huayra, заедно со електронски контролирани амортизери. Тоа што секако дека не смее да недостига кај Pagani, се четирите издувни цевки во средината. Целиот издув на Utopia е изработен од титанимска легура, обложена со керамика – тежината му е само 6 килограми.
Првпат модел на Pagani што не е наменет за трки добива т.н. крилести врати. Водечката идеја да се работи колку може поедноставно се препознава и во внатрешноста, каде што отуствува голем дисплеј во средината. Посебен детал се регулаторите што се изработени на глодалка, како и дополнителните инструменти.
Кулисата на менувачот е нова, поради тоа што првиот степен на седумстепениот мануелен менувач се вклучува надолу лево.
Карбонскиот монокок, што е изработен од технолошки најнапредни материјали, како карбон-титаниум или карбон-триакс, повторно е зајакнат за Utopia. Крутоста е зголемена за 38 проценти, а во исто време се исполнуваат и сите светски норми за безбедност.
Срцето на Utopia е Pagani-V12, мотор што е конструиран во Mercedes-AMG. Овој мотор првпат беше вграден во Huayra Roadster BC во 2019 година. Место 802 КС, како во Roadster BC и 840 КС, како во Huayra Codalunga, битурбо-машината со 5.980 ccm во Utopia постигнува 864 КС. Максималниот вртежен момент од 1.100 Nm се постигнува веќе при 2800 вртежи/min и се испорачува до задната оска. Погон на сите тркала не е интересен за Pagani, тоа се непотребни килограми.
Секако дека е инженерска мајсторија да се конструиира мануелен мемувач што ќе пренесува вртежен момент од 1.100 њутнметри. По барање на клиентот, Pagani може да вгради во Utopia и секвенцијален седумстепен менувач од Xtrac. Перформансите засега не се откриваат.
Основната цена изнесува 2,56 милиони евра. Клиентите во просек плаќаат по 3,09 милиони евра за својот Pagani. Цената е од второстепено значење во овој случај, затоа што сите планирани 99 примероци од Utopia се продадени уште пред светот да дознае дека Pagani има нов модел. Испораките почнуваат во следното лето, прво верзиите со секвенцијален, а малку подоцна и верзиите со мануелен менувач. Тоа што е сосем извесно, Utopia ќе доживее бројни варијанти, исто како Zonda и Huayra.
Како се мие автомобил од три милиони долари и со 34 слоеви лак