за

Peugeot 308 отсега вози и само на струја

Во салоните на Peugeot од следната година ќе пречекува и чисто електрична изведба на Peugeot 308. Тоа е веќе трета моделска серија што се нуди со 100% погон на струја.

Двете каросериски изведби на новиот Peugeot 308, комбилимузината и комбито SW, ќе бидат понудени во чисто електрична изведба e-308. Досегот од 400 километри е охрабрувачки за купувачите што досега беа резервирани за електричниот погон.

Како што беше најавено уште пред почетокот на продажбата на моделските изведби на Peugeot 308 со бензински и дизел мотор, Французите в година стартуваат и со чисто електрична изведба Peugeot e-308. Електромоторот што работи во семејниот компакт е нов и развиен е во рамките на заедничкиот проект со јапонската компанија Nidec.

Целосно електричната изведба им се придружува на моделите со приклучен хибриден погон, коишто се нудат во верзии со 225 и со 180 КС, како и на моделите со бензински или дизел мотор. Комбито e-308 SW ќе биде прва таква каросериска изведба од европски производител, што е достапна во верзија со чисто електричен погон. Единствено уште кинескиот MG нуди на пазарот во Европа комби-модел со погон на струја..

Како што Peugeot 308 и Opel Astra се следеа со пазарниот старт, така и електрична изведба Astra-e ќе стартува в година, веројатно неколку месеци по почетокот на продажбата на Peugeot e-308. Двата модели ја користат платформата EMP2, што е развиена од PSA Group и наменета е за модели од компакт и од средна класа. Peugeot e-308 е прв модел врз таа платформа што е достапен во верзија со погон чисто на струја. Третиот електричен модел на Stellantis, кросоверот Citroen C4, односно e-C4, ја користи помалата платформа eCMP.

New item by Automedia MK / Google Photos

Уште не се објавени подетални технички податоци за Peugeot e-308, а не се дава ориентација ниту за ценета. Единствено се наведува досег од преку 400 километри во WLTP-просек. Досегот при возење само во град ќе биде далеку над таа вредност. Батеријата ќе постигнува наполнетост од 20 до 80 степени за помалку од 25 минути, при користење полнач со моќност од 100 kW. Сопствениот трифазен полнач во возилото располага со моќност од 11 kW.

Батеријата на Peugeot e-308 располага со капацитет од 54 kWh, што е повеќе во споредба со 50-те киловатчасови на e-208 и е-2008, односно Corsa-e и Mokka-е. Хемискиот состав на батеријата е нов, со сооднос од 80% никел, 10% манган и 10% кобалт.

Каросеријата и практичноста на е-308 се идентични со верзиите со обичен погон. Нови се тркалата од 18 инчи, коишто постигнуваат значително помал отпор на воздух, заради подобрување на аеродинамичноста и продолжување на досегот.

Peugeot e-308 им се придружува на познатите e-208 и e-2008, како трет модел со чисто електричен погон. Во моделите од повисоките сегменти, во 3008 и 5008 SUV, како и во лимузините и комбито од средната класа, 508 и 508 SW, марката со лавот нуди изведби со приклучен хибриден погон. Нова генерација на 3008 се очекува в година, и таа ќе се нуди во чисто електрична изведба. Peugeot го користи хибридниот погон и за спортскиот 508 PSE, како и за 3008 Hybrid4, првиот со 360 КС, вториот со 300 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Како посебност на целата гама, e-308 го добива истиот i-Cockpit од 308, со смален волан, со инстрименти поместени понапред и повисоко, што веќе има традиција во марката. Напредни инфо-забавни системи, со брза процесорска моќ, висока резолуција и онлајн-поддршка, веќе се дел од гамата на Peugeot 308.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сегментот на моделите од компакт класата е најважен сегмент на европскиот пазар, покрај градските автомобили. Во него пристигаат сé повеќе чисто електрични модели. Покрај Citroen C4, пазарот ги нуди уште Renault Megane E-Tech Electric, VW ID3, Nissan Leaf, Kia Niro и Hyundai Ioniq.

New item by Automedia MK / Google Photos

Peugeot 308 е четврти најпродаван модел во компакт класата во првото полугодие, со 43.289 примероци, што е за 24 проценти повеќе од истиот период лани. Прв останува VW Golf, со 89.684 примероци и пад од 29 проценти. Третото место ѝ припаѓа на Toyota Corolla.

Електричниот e-308 ќе биде прв модел на Stellantis што користи електромотор од заедничката компанија со холдингот Nidec-Leroy Sommer, што е позната како Emotors. Моторот носи ознака M3, располага со моќност од 115 киловати, односно 156 КС, и се произведува во фабричкиот комплекс Тремери-Мец, на северот на Франција.

Stellantis во фабриката располага со капацитет за производство на повеќе од 1 милион електромотори годишно. Emotors произведува и погонски оски, електромотори за хибриден погон и менувачи.

Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Првиот автомобил што победи на Монца пред 100 години е Fiat

Pagani Utopia чисто без струја