Овој волан може да се поместува странично, со што совозачот станува возач, а возачот совозач. Ако воланот е во средина, тогаш автомобилот управува самостојно.
Добавувачот TRW разви нов вид на волан, што јавноста го виде за прв пат на салонот во Женева во студијата Rinspeed Xchange. Со него се отвораат сосема нови можности во автомобилите. Возачот може да управува сам, да му го предаде воланот на совозачот или да го постави во средина и да остави автомобилот да управува сам, додека тој чита весник или ја прегледува поштата.
Во воланот се наоѓа дисплеј што прикажува дали управувањето е мануелно или автоматски. Пренесувањето на командите од воланот до тркалата се одвива по електричен пат. Некои фунции за ракување со возилото се вградени во воланот, а другите функции се достапни преку говорна команда. Во студијата на Rinspeed нема ниту средишна конзола, затоа што менувачот е исто така вграден во воланот.

Воланот на TRW има три работни модуси, кои соодветно се прикажуваат на дисплејот. Кога на него пишува А, тоа значи дека возилото управува самостојно. Ако возачот посегне по воланот, на дисплејот се појавува М, што значи дека почнува постапката на предавање на контролата на возачот. Со притискање на проѕирното копче „Push to Drive“, возачот конечно ја има контролата во раце. При отпуштање на воланот, системот веднаш преоѓа од мануелна (М) во автоматска програма.
Копчето „Push to Talk“ го активира говорното командување со различни функции на возилото. Покрај тоа, во воланот се наоѓаат и командите за менувачот: Паркирање, празен од, возење и рикверц. Вклучувањето на трепкачите се следи на бел дисплеј со жолти стрелки, а сирената се активира со допирање на средината на воланот. До сериско производство ќе минат неколку години, односно колку што преостанува до појавувањето на првата генерација автомобили што управуваат самостојно.
















