Нов член во клубот 300 km/h: Jaguar F-Type Coupe

Цели 40 години се чекаше Jaguar да го претстави наследникот на легендарниот E-Type. Тој се појави во минатата пролет со отворен покрив, за сега да дојде на ред и купето со тркачки талент.

Британската марка со дивата мачка може да си дозволи да се разликува од другите. Производителите обично ги претставуваат прво купе моделите, а дури потоа нивните кабриолет изведби. Jaguar реши да постапи обратно со каросериските изведби на новиот F-Type. Прво дојде родстерот, а една година подоцна следува и купето.

Разликата меѓу двете каросерии не се сведува само на покривот. Додека кабриолетот е повеќе фалбаџиски, купето е бескомпромисен спортист, со полесна и покрута каросерија. Тоа најдобро го потврдува спортската верзија R на купето. Во него се вградува петлитарскиот мотор V8 со компресорско натполнење и моќност од 550 КС, кој во отворената верзија на F-Type доаѓа „само“ до 495 КС. Продажбата на поголемите пазари во Европа стартува во средината на следниот месец, а најевтиниот модел чини околу 70.000 евра.

F-Type Coupé поседува спортски гени

Најсилната моделска изведба F-Type R забрзува за 4,2 секунди до темпо 100, со осумстепен автоматски менувач, додека крајната брзина изнесува 300 km/h. Купето ќе оди и над тоа, но брзината мора да се ограничи на 300 – за побрзо се потребни и специјални гуми, кои дополнително би го поскапеле возилото. За најдобриот спринтер во историјата на Jaguar се потребни нешто повеќе од 100.000 евра.

Во понудата на мотори влегува и трилитарскиот V6 со компресорско натполнење, познат од кабриолетот. Тој се нуди во верзии со моќност од 340 и 380 КС. Поради пониската тежина на купето во однос на кабриолетот соодветно е помала и потрошувачката на гориво. Според фабрика, најслабиот мотор во просек троши 8,8 литри, најсилниот 11,1 литри.

Покривот е изработен од алуминиум и му дава на купето различна странична силуета од кабриолетот. Капакот на багажникот во отворената верзија на F-Type е долг и рамен, додека купето има помек премин меѓу покривот и багажникот, со спојлер што излегува автоматски над 110 km/h и се враќа кога брзината повторно ќе падне под темпо 80. Ако тоа некому е битно, купето има и мошне практичен багажен простор со големина од 407 литри.

Претходна објаваВолан според принципот „На ти го – Дај ми го“
Следна објаваОбидот за рекорден лет заврши со незгоден долет

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here