
Тесното грло во испораката на електронски делови во светски рамки, предизвика дури и Daimler во својата фабрика во Зинделфинген привремено да го прекине производството. Локалните медиуми пишуваат дека станува збор за Mercedes E-Class.
Според објавите на германските медиуми, производството на Mercedes E-Class било ставено во мирување уште во понеделникот. Паузата ќе трае до 14-ти мај. Од Daimler досега нема пристигнато официјален став околу информацијата дека мирува производството на E-Class. Од концернот соопштиле дека „во неколку соодветни подрачја, фабриката Зинделфинген го приспособува производството во календарските недели 18 и 19“. Дел од вработените во овој период ќе бидат на привремен одмор.
Mercedes E-Class со децении беше најпродавана моделска серија на марката и нормално е дека важи како еден од носечките столбови на истата. Во Зинделфинген работат 24.000 лица, главно во производството на E-Class, на знаменосецот S-Class и на новиот знаменосец со електричен погон EQS. Високата флексибилност во работата на фабриката, дозволува прекините во производството што се предизвикани од тековниот проблем со испорака на полупроводници, да траат релативно кусо.

Daimler става приоритет на електричните модели. Поради тоа, во фабриката продолжува производството на електричниот крстосувач EQS, но и на скапите модели од S-Class и од S-Class Maybach, на коишто се постигнува повисока заработка.
Целата бранша стравува дека проблемот со полупроводниците ќе има уште посилно влинание врз производството на автомобили во следните месеци. Mercedes S-Class засега останува поштеден од проблемот.















