за ,

Фејслифт на Ford Focus во стилoт на Fiesta и Mondeo

Дојде време и Focus да го добие новото лице на марката со модрата слива. Компактот на Ford ќе доживее премиера на салонот во Женева со носот во стил на Fiesta. Повеќе корист ќе има од сменетиот ентериер.

На интернет подолго време кружат фотошопирани слики на кои шестаголната маска од Fiesta и Mondeo му е накалемена на Focus. Сега се појавија малку позрели рендери, кои со вообичаената мала помош на производителот се приближуваат повеќе до вистинскиот изглед на освежената моделска генерација на компактот од Келн.

Покрај целосен редизајн на носот, промени се забележуваат и во делот над праговите, каде што има повпечатливо вдлабнување, како и во додадената карактерна линија во висината на рачките на вратите. Секако дека промени ќе следуваат и во задниот дел, со промена во формата и графиката на светла, и повторно, со додавање на карактерна линија под табличката.

Многу посуштински се промените што следуваат во кокпитот. Ford ги ислуша критиките на медиумите и на купувачите околу непрегледниот кокпит, така што сега изгледа многу посмирено во средишната конзола, за разлика од стариот „моторола“ стил. Средишната конзола е целосно преработена, мултифункцискиот волан исто така е нов, а промени се најавуваат и во средишниот дисплеј во инструментите. По пример на Fiesta, за говорната команда со одредени функции ќе се користи напредниот систем FordSync.

За новитетите околу техниката уште нема поконкретни информации. Еднолитарскиот EcoBoost беше достапен и пред фејслифтот, а сега може да му се придружи единствено 1,5-литарскиот EcoBoost со значително намалена потрошувачка во споредба со претходникот од 1,6 литар.

Дијапазонот на работа на системот за самостојно сопирање при опасност од судир ќе се продолжи до 50 километри на час и во иднина ќе поседува и сензорика за препознавање пешаци. Почетокот на продажбата на новиот Focus ќе се знае по премиерата во Женева, во првата недела од март.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нови слики и детали од студијата Hyundai Intrado

Toyota целосно се префрлува на дизели од BMW