Првиот електричен СУВ на Škoda ги поставува темелите за натамошното напредување на чешкиот производител кон ерата кога сите возила ќе имаат нулта емисија на СО2 и ќе ги следат начелата на одржливост. Томас Шефер, претседател на Škoda, го најави новиот модел: „Enyaq iV е вистински камен темелник за марката. Тоа е нашиот прв електричен автомобил врз платформата MEB. Enyaq iV е произведен во срцето на Škoda, во Млада Болеслав, тука во Република Чешка, и го претставува следното ниво на Škoda: Трансформација во насока на електрификацијата и дигитализацијата.“
Enyaq внесува голема свежина во дизајнерскиот говор на марката, со бројни нови детали и пристапи, но пак се препознава дека станува збор за автомобил на Škoda. Сето тоа највешто го објасни главниот дизајнер Оливер Стефани на вечерашната премиера: „Во нашиот Enyaq iV, го унапредивме препознатливиот преден дел на Škoda – вклучувајќи го и најпрепознатливиот белег, а тоа е ‘кристалното лице‘. Во спој со емотивен дизајнерски јазик и со впечатливо цврста појава, што е нагласена со големите тркала, нашиот нов Enyaq iV е вистинска мамка за погледите и поставува нов тон“.
Највпечатлива новина во дизајнот на електричниот СУВ е маската Crystal Face, којашто ќе се вградува како опција. Традиционалната маска на Škoda е збогатена со кристален ефект со заднинско осветлување, со вкупно 130 светклечки диоди кои на автомобилот му даваат единствена и впечатлива појава. Има и светлечки ефекти, на пример, при отклучувањето и заклучувањето на возилото.
https://photos.app.goo.gl/Sv2Z9Y4Hm8qitaSGA
Долгото меѓуоскино растојание (2,765 mm) со релативно куса хауба, јасно навестува дека назад следи просторна кабина. Мускулестите страници и покривот што се спушта постепено, сведочат за исклуичителната аеродинамичност (0,27). Со димензии 4,649 x 1,879 x 1,616 mm, Enyaq iV е сличен со традиционалниот Kodiaq, но стилот е подинамичен. Тоа е нагласено со новите бандажи со пречник од 18 до 21 инчи.
Новиот електричен автомобил на Škoda ќе биде достапен во пет степени на моќност, три големини на батерии и два погони. Основниот модел се води како Enyaq iV 50 и поседува електромотор од 109 kW, кој ги движи задните тркала. Батеријата во оваа верзија има капацитет од 55 kWh (52 kWh net) и досег до 340 километри според нормата WLTP. Следи Enyaq iV 60 со батерија од 62 kW (58 kW net). Со електромотор со 132 kW, досегот изнесува до 390 километри.
https://photos.app.goo.gl/a5r3N6LSngxVLEix5
Третата верзија е Enyaq iV 80, исто така со погон назад. Електромоторот располага со 150 kW и вртежен момент до 310 Nm. Батеријата има капацитет од 82 kW (77 kW net), а во оваа варијанта се добива и најдолгиот досег, до 510 километри. Во двете верзии со погон на сите тркала се вградува истата батерија. Enyaq iV 80X има втор електромотор напред, со што се постигнува вкупна моќност од 195 kW. Спортскиот Enyaq iV RS постигнува 225 kW. Двете топ-верзии постигнуваат досег до 460 километри.
(Дополнето во 22:18 часот)
Конфигурација во само неколку чекори
Моделските изведби се направени со цел да се покрие најширок дијапазон на потреби и можности. Основната изведба воси со послаб мотор и помал досег, но затоа со подостапна цена, додека на спротивниот крај има и посолен мотор и подолг досег, па дури и спортска нота во верзијата RS. Тоа било и целта, изборот на модел да биде колку може поедноставен. Друга новина е тоа што место нивоа на опрема, како досега, во иднина ќе има „нивоа на дизајн“. Конкретно станува збор за готови пакети што се водат како „Design Selections“, со опрема и дизајн дотерани за најразлични потреби и вкусови. Секоја дизајнерска селекција има својствена атмосфера и се разликува во материјалите, облогите, колорната шема и дизајнот на арматурната табла.
https://photos.app.goo.gl/jFxyVbXLAtu538MT9
Стандардната дизајнерска селекција за ENYAQ iV 50 се води под името Studio. Погонската варијанта ENYAQ iV 60 има дизајн Loft, инспириран од модерен топол дом на млади фамилии. Тука има двобојна арм,атурба табла. Трета дизајнерска селекција е Lodge, посветена на одржливост и на иновација. Lounge соединува квалитет и ексклузивност, додека Suite и ecoSuite веќе нудат луксузни детали. Во спортската верзија RS, дизајнерската селекција соодветно се води како RS Lounge и го нагласува спортскиот карактер. Опција е RS Suite, со нагласок на динамична елеганција.
Покрај изборот на овие дизајнерски селекции, клиентите ќе можат да избираат меѓу десет тематски пакети, вклучувајќи и одделни ставки што ќе се нарачуваат по желба. Идејата е до саканиот Enyaq iV да се дојде во само неколку чекори.
(дополнето во 22:35 часот)
Специјална моделска изведба во чест на 125-годишнината на ŠKODA
Специјалната изведба на ENYAQ iV ќе биде изработена во ограничена серија и веќе е достапна за нарачка. Испораките на моделот што ја одбележува 125-годишнината на марката ќе следуваат во првиот квартал од 2021 година. Оваа „Founders Edition“ ќе се изработи во само 1.895 примероци, што е годината на основање на чешката компанија. Секој примерок ќе го носи својот број во серијата на елегантна плочка на воланот.
https://photos.app.goo.gl/zoBoA8j5dciEMibJ8
Специјалната Founders Edition ќе биде достапна за верзиите ENYAQ iV 60 и ENYAQ iV 80. Опремата вклучува бандажи Aquarius од 21 инчи, со каросерија во црна или сребрена боја. Маската е осветлена, внатрешноста е изведена во стилот на ecoSuite Design Selection, а седиштата се обложени со кожа во боја на коњак – бојата е добиена со преработка на листови од маслиново дрво.
(дополнето во 22:45 часот)
Висока технологија и традиционална практичност
Платформата MEB што служи како техничка основа, донесува и бројни предности во поглед на безбедноста, како и напредни системи за асистенција и изобилство од можности за конектирање. Притоа не се запоставени традиционалните вештини на ŠKODA, а тоа е мноштвото практични решенија што се оригинални за марката.
Чадорот во возачката врата е веќе класика, исто и гребачот за мраз – кој секако дека не е сокриен под поклопецот на резервоарот, затоа што Enyaq не користи гориво. Место тоа, гребачот е во задниот поклопец. Практичарите се покажаа на дело со чистачот за кабелот за полнење. Досега никој производител не се сетил на таква опција.
https://photos.app.goo.gl/guQR9YQPPxLHKt5U8
Бидејќи електричниот погон зафаќа помалку простор, во кокпитот има две прегради: Едната е со зафатнина од 6,2 литри под потпирачот за рака, додека втората е со зафатнина од 11,4 литри и се наоѓа под средишната конзола.
(дополнето во 23:02 часот)
Меѓу новите системи за асистенција е самостојното запирање доколку при скршнување в лево наидува друг автомобил отспротива, потоа предупредувањето при загрозување велосипедист со невнимателно отворање врата и активни системи за избегнување пречки.
Малку детали се наведуваат околу т.н. систем за паркирање за научени рути – тоа може да биде автопилотирано водење на многу кусо растојание што се минува секојдневно, при паркирање. Тоа се контролира преку мобилната апликација ŠKODA Connect, којашто добива уште бројни нови функции. ENYAQ iV постојано е онлајн. Инфо-забавниот систем се контролира преку дисплеј од 13 инчи (33 cm) или со помош на Лаура, дигиталната гласовна асистентка, којашто зборува 15 јазици.
Дисплејот зад воланот има пречник од 5,3 инчи (13,5 cm) и може да се комплетира со проекциски дисплеј. Тој, пак, поделен е на два дела, со тоа што во горниот дел се проектира виртуелна реалност со насоки за навигација, заради полесно следење на информациите.
Обезбеден е пристап до повеќе од 195.000 станици за полнење ширум Европа, со само една картичка
Возачките и возачите на ŠKODA ENYAQ iV ќе ги користат придобивките на еко-системот ŠKODA iV, кој го содржи MyŠKODA Powerpass. Тоа е услуга за полнење за електрични автомобили, со којашто се овозможува пристап до 195.000 станици за полнење (полначи се повеќе) ширум Европа, со една корисничка картичка.
https://photos.app.goo.gl/cwaW3JwXybze9GMq9
ŠKODA нуди три различни полначи за поставување во домот или на работа. ŠKODA iV Charger е основна варијанта за домашно користење. ŠKODA iV Charger Connect е вмрежен преку LAN и Wi-Fi, а поседува и читач RFID. Најнапреден е ŠKODA iV Charger Connect+, кој дополнително нуди и вмрежување преку LTE.
На брз полнач, најголемата батерија од 82 kWh се полни од 5% до 80% за само 38 минути. При користење на домашните полначи со 11 kW, целосна наполнетост се постигнува за шест до осум часови, зависно од големината на батеријата.
https://youtu.be/IFVQHJrctNo
Останатите детали ќе објавуваме во следните часови, како што ќе ги обработуваме информациите. Следете ја објавата…
https://photos.app.goo.gl/K4PSK8yrGePF3bYu8
















