Mercedes Sprinter веќе 25 години постигнува успех под знакот на сребрената ѕвезда и претставува знаменосец во понудата од доставни возила на марката. Производството започна во 1995 година во Диселдорф, за една година подоцна Sprinter да стартува со производство во Аргентина, во Гонзалез Катан. Од 2006 година, транспортерот се произведува и во Јужна Каролина, САД.
Класичарот во доставната понуда на Mercedes досега има постигнато продукција од четири милиони примероци. Од крајот на минатата година, во фабриката во Диселдорф се произведува и електричната верзија eSprinter.
Третата генерација на моделот стартуваше во март 2018 година. Во фабриката во Лудвигсфелде се изработува „отворената“ верзија, додека од Диселдорф излегуваат затворените каросериски изведби. Заради задоволување на растечкиот интерес на пазарот во САД, за новата генерација во септември 2018 година беше пуштена дополнителна хала во фабриката во Јужна Каролина. Таму на посебна линија се произведува и Vito, под името Metris за регионалниот пазар. Актуелниот модел во септември 2019 стартуваше и во Гонзалез Катан, во близина на Буенос Аирес, во Аргентина.
Петтата сопствена фабрика на Mercedes-Benz Vans се наоѓа во Виторија, Шпанија. Таму се произведуваат патничката верзија V-Class, доставниот Vito и неговата електрична верзија eVito. Уште во текот на годинава, во шпанската фабрика ќе започне и производството на електричната V-Class, под ознаката EQV, како и на минибусот eVito Tourer.
Посебно за кинескиот пазар, V-Class и Vito се произведуваат во Fujian Benz Automotive Corporation, како заедничка инвестиција на Mercedes-Benz Vans, BAIC Motor и Fujian Motor Group. Производствената мрежа ја заокружува фабриката на партнерот Renault-Nissan-Mitsubishi во Мобеж, Франција, од каде што излегува Citan.
>>> Mercedes започнува со испораки на електричниот eSprinter

















