Одделението за доставни возила на Volkswagen го нуди својот Caddy во изведба за авантуристи и кампери уште од 2005 година. Една од причините за големата популарност на моделот е во тоа што сите додатоци за преспивање и престој во возилото може да се отстранат и Caddy да се користи во секојдневието, било како семејно возило или за бизнис. Тоа ќе важи и во новото издание на Caddy за кампување, што Volkswagen го најавува сега преку тизер.
Малиот брат на California е универзалец за целото семејство, за спортисти и хобисти, како и за таканаречените „бест-ејџери“ (Best-Ager). Како што романтичарски е наведено во соопштението од Volkswagen, голема новина во актуелната моделска генерација е „можноста низ панорамскиот стаклен покрив со површина од 1,4 метар квадратен да се гледаат ѕвездите пред заспивање“.
Секако дека сите прозорци (и покривот) може да се затемнат. Лежајот е долг близу два метри и сосем пристојно е изведен со пружини, по пример на лежаите во „професионалните“ кампери California и Grand California. Назад исто така се сместени полски столици и маса од овие кампери. Двете големи чанти може да се наполнат дома и комотно да се донесат до возилото.
Моторите во наследникот на Caddy Beach се дизели со моќност меѓу 75 и 122 КС, вообичаено за VW со двојно впрскување Адблу, заради речиси комплетно отстранување на азотните оксиди. Единствен бензинец е 1.0 TSI со 116 КС.
Светската премиера на компактниот кампер врз база на новиот Caddy, кој е сосем извесно дека ќе добие ново име, наспроти претходникот Caddy Beach, ќе се одржи виртуелно во почетокот на септември.
https://photos.app.goo.gl/WbTaiszEtyac8j5G9
>>> Volkswagen Caddy e „голфот“ меѓу доставните возила
















