137
18 shares, 137 points

Пазарот на доставни возила е во голем раст. Онлајн-продажбата и потребата од достава до пратки исто така. Таа е врската што прави пристигањето на новиот Volkswagen Caddy да биде важно за службите за достава. Но, автомобилот за повеќе намени го сакаат и семејствата.

Не е случајно тоа што новата генерација на Caddy се појавува кусо по Golf 8. Најновиот модел од огранокот за доставни и товарни возила на Volkswagen се базира врз истата платформа како „европскиот автомобил“ Golf, односно врз MQB. Петтата генерација на Caddy постигнува уште еден триумф, а тоа е поубедливиот стилски настап отколку што тоа беше случај досега. Главниот дизајнер Алберт Кирцингер направи новиот мултинаменски автомобил на Volkswagen да изгледа модерно, со простор да се додаде и префинета нота во повисоките нивоа на опременост.

Изгледот се смени, но Caddy и натаму е автомобилот што преку ден може да се користи за занаетот, а потоа да биде семејно возило како сите останати. Овој талент во најголем дел се темели врз просторноста и приспособливоста. Сето тоа добива уште повеќе на вредност, кога ќе се земе предвид и факторот цена. Кусо, Volkswagen Caddy е автомобилот што ќе понуди најмногу простор и најголема приспособливост, по најдостапна цена.

Дизајнерите на Алберт Кирцингер добија задача да го разубават Caddy, затоа што освен во комерцијална примена, тој често се користи и како семејно возило и возило за тие што негуваат посебен животен стил

Од преоѓањето на платформата MQB може да се очекува уште поголема просторност и рационално искористување на кабината, исто како што се случуваше и со преоѓањето на останатите модели на фамозниот Modularer QuerBaukasten.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Убавиот изглед има и „практична“ корист. Отпорот на воздух се смали за десет проценти, на cw 0,30 , што е најдобро во сегментот. На крајот на каросеријата што е поширока за шест сантиметри (1,86 метар) следат долги, вертикално поставени светла. Со доплата, во нив може да работи диодна техника, што ќе направи директниот спој со големото задно стакло да изгледа уште повпечатливо.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Порасна и должината, конретно за девет сантиметри, така што мултинаменскиот Volkswagen, сега мери 4,50 метри меѓу браниците. Висината се смали за 2,5 сантиметри, на 1,8 метар. Со сменетите пропорции се постигна многу похомогена странична претстава.

Во изведба како фургон, страничните лизгачки врати се пошироки за 14 сантиметри (сега 84 cm), со што се овозможува европалета да се натовари надолжно. За пет сантиметри е поширок и отворот назад, а тоа значи дека европалета може да се натовари попречно. Товарниот волумен изнесува 3,3 метри кубни во Caddy и четири метри кубни во Caddy Maxi. Внатрешната должина на товарниот простор во фургонот порасна на 1,78 и на 2,15 метри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во внатрешноста се препознава врската со патничките автомобили на Volkswagen. Достапни се дигитални инструменти, исто како и инфо-забавни системи со дисплеи до 10 инчи. Во повисоките нивоа, Caddy повеќе оддава дух на кросовер, отколку на комбе. Седиштата може да бидат обложени со висококвалитетен штоф, а може да се нарачаат и посебни ортопедски седишта.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Системите за асистенција и тука не недостигаат: Систем за следење лента и радарски темпомат се само два од вкупно 19-те системи што стојат на располагање

Caddy се испорачува во три изведби – Cargo, Kombi и Van – со тоа што последниве две изведби се избира и меѓу нивоата на опрема Caddy, Life и Style

Понудата од мотори се состои од три дизели со моќност меѓу 75 и 122 КС. Издувот се пречистува беспрекорно, со два SCR-катализатори. Volkswagen наведува до 80% намалена емисија на азотни оксиди. Најсилниот дизел може да се комбинира со седумстепен менувач со двојна спојка и со погон на сите тркала 4Motion.

Наскоро пристига турбо-бензинец со 116 КС, кој ќе се произведува и во варијанта со погон на метна. Се спомнува и приклучен хибрид.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

137
18 shares, 137 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *