за ,

Тест · Suzuki SX4 S-Cross 1.6 DDIS 4WD GLX

Конвенционално е само друго име за здодевното. Некогаш е подобро кога рамното ќе стане заоблено, кусото долго – и кога компактната комбилимузина ќе прерасне во кросовер.

Сте забележале колку малку модели има Suzuki во својата понуда? Вкупно седум основни модели се доволни за јапонската марка да го прикаже целото свое порфтолио во салон. Наспроти тоа, на Volkswagen му е потребна најмалку трипати поголема површина да ги нареди сите свои модели. Отсуствуваат соперници за Touran, Eos, Passat, па дури и Golf, но и покрај тоа, во Suzuki ништо не недостига!

Во однос на моделите од „голф-класата“, SX4 е како стан во висококатница да се споредува со вила со поглед на езеро

Мотото на Јапонците би можело да гласи и „еден модел во колку може повеќе изведби за колку може повеќе намени“. Swift, на пример, освен во стандардната изведба се нуди и во верзија со погон на сите тркала, што е исклучок во класата, но и како тркач Swift Sport со 136 КС. Слично е кај Grand Vitara. Кој друг производител смее воопшто да помисли да понуди компактен теренец во верзија со три врати, и тоа за 18.900 евра? Suzuki смее, затоа што беше присутен во класата на спортските теренци уште кога класата не постоеше, а уште помалку имаше име. Тоа што другите производители би го спакувале во малку видоизменета каросерија и би го продавале под ново име, Suzuki го продава на стариот, чесен начин, како едно моделско семејство.

Не само што ништо не недостига во оваа марка, туку има и вишок

Вистина, човек да се праша, како е можно Suzuki да се наоѓа меѓу десетте најголеми производители на автомобили во светот, а притоа воопшто да не нуди модел од компакт класата, најпродаваната сорта во светот? Не нуди, затоа што нуди нешто подобро. SX4 во првата генерација од 2006 беше само алтернатива на класичните компакти. Во вторава, класичните компакти станаа алтернатива за него. Кросоверот на Suzuki порасна, реакциите на пазарот го научија дека така е подобро, ја подосвежи техниката, а созреа и во карактерот. SX4 стана „Голфот“ на Suzuki.

120 наспроти 85 КС: Suzuki чини исто колку Golf, но нуди повеќе

Кој не сака погон на сите тркала и не копнее по опременост каква што има лимузината на соседот, на избор го има основниот модел со 1,6-литарски бензинец со 120 КС, со преден погон и со стартното ниво на опрема GL за 14.990 евра. Толку чини и обичен Golf, со обични 85 КС од 1,2 литарски турбобензинец и со опрема што во повеќе подрачја заостанува зад јапонскиот конкурент.

Модел за повеќето, а не за помалкуте купувачи

Тоа секако не е единствената предност. SX4 е сепак кросовер, а тоа значи дека е половина семејна комбилимузина, а половина спортски теренец. Од првата половина останува единствено цената. Тука конечно се огледува предноста на моделската стратегија на Suzuki. Место да развива нови модели за помалкуте купувачи, јапонскиот специјалист нуди еден модел за повеќето купувачи. Повеќето марки прво развиваат компакт што ќе претставува јадро на продажбата, а потоа од него изведуваат сé што ќе побара пазарот – ван, комби, компактен теренец, купе, кабриолет. Секоја од овие дополнителни каросериски изведби чини пари, а тоа не го плаќа друг освен купувачот – дури и оној што го купува компактот во основната форма, комбилимузинската. Ете зошто кросоверот SX4, осносно S-Cross, е поевтин или барем чини исто колку стандарден компакт.

Кросоверот на Suzuki е стратешки генијален, но дали е добар и како автомобил?

Кога цената одговара, сé друго е погодено. Кога некој ви нуди повеќе за истите пари, зарем би го одбиле? S-Cross во секој случај изгледа многу поатрактивно од претходникот, иако не и пооригинално – тој беше дизајниран во Italdesign – со неколкуте дополнителни сантиметри во висината на каросеријата обезбедува просторно чувство како во компактен теренец, а со багажникот со 430 литри и со приспособливоста на кабината е подготвен за сите транспортни задачи. Притоа, со должината од 4,3 метри е пријатно компактен во уличното секојдневие и нуди добра прегледност над сообраќајот и при паркирање.

Дизелот е вистинското изненадување во SX4

Тоа што многу повеќе влијае врз карактерот на возилото е 1,6-литарскиот турбодизел. Тука лежи големото изненадување на Suzuki. Стариот, гласен и алипен 1,9-литарец и новиов мотор, обата од Fiat од различни генерации на Multijet, како да се од два различни света. Со 320 њутнметри возачот може да заборави да посегнува по рачката на менувачот. Во спротивната ситуација, кога ќе се побара моторот да ја впрегне целата ергела од моќ, дизелот и натаму не се откажува од своите манири и продолжува да работи релативно тивко и смирено. Иако перформансите се натпросечни – возилото е сепак меѓу полесните во сегментот – потрошувачката се држи во разумни граници. Потрошувачката на тестот се движеше во целиот дијапазон на шестка пред запирката, зависно од динамиката и условите на возење. Тоа е уште еден добар манир од SX4. На штедливите етапи на тест рутата на отворен пат беше регистрирана потрошувачка од 5,4 литри. Повторно, придобивка од постојаната испорака на висок вртежен момент во целото подрачје на вртежи.

Може ли кросоверот да помине како теренец?

Да! Suzuki не е марка за која што погонот на сите тркала е нешто ново, а уште помалку е марка што не се гордее со тоа. Во новиот SX4 се добива погонот на Suzuki доразвиен како Allgrip, со четири програми: Автоматска и штедлива за секој ден, со приоритет на предните тркала и со самостојно вклучување на задната оска при пролизгување, спортска програма со подиректна реакција на гасот, соодветно модулирање на испораката на вртежен момент и максимално искористување на погонот 4х4 со цел да се постигне повисока динамика во возењето и програма за снег, со постојано вклучен погон на сите тркала и оптимална распределба на вртежниот момент меѓу тркалата врз основа на параметрите од управувањето и гасот, заради подобра тракција и стабилност на лизгава подлога. На крајот следува и копче за заклучување на распределбата на вртежниот момент во рамномерен сооднос меѓу оските, за извлекување од кал, снег или песок, со испорака на максималниот можен вртежен момент на задната оска. Suzuki изненадува. Редовно.

Технички податоци Suzuki SX4 S-Cross 1.6 DDiS

Мотор: 1598 cm3, пречник и од 79,5 х 80,5 mm, компресија 16,5:1, 88 kW (120 КС) при 3.750 min, вртежен момент 320 Nm при 1.750 min Пренос: 6-степен мануелен менувач, погон на сите тркала Allgrip Подвозје: независно водење на тркала напред со траголни водилки, торзиска оска назад, бандажи 6,5Јх17, гуми 205/50 R17 89V, управување со запчеста летва со електрично серво Димензии и тежини: должина х ширина х висина 4300 х 1765 х 1575 mm, меѓуоскино растојание 2.600 mm, багажник 430/1269 L, растојание од подлога 165 mm, празно возило 1380 kg, дозволена тежина 1870 kg Перформанси: 175 km/h, 0-100 km/h за 13,0 s Потрошувачка на гориво град/пат/просек(L/100 km): 5,2/3,9/4,4, Емисија на CO2 114 g/km

Цена на моделот со ниво на опрема GLX: 23.900 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британците произведуваат повеќе коли од Французите

Qoros 3: Кинескиот Голф доаѓа во Женева