Неколку детали пред скорешното пристигање на новата Toyota Yaris

Неколку детали пред скорешното пристигање на новата Toyota Yaris

Летово се очекува почетокот на продажбата на новата генерација на Toyota Yaris. Македонскиот увозник засега нема објавено конкретен датум околу нејзиниот старт кај нас, како и податоци околу нивоата на опрема и понудата од погонски единици. За ориентација ќе послужат информациите од германскиот пазар, кадешто веќе се објавени нивоата на опрема и моторите што ќе бидат достапни во почетокот на продажбата.

Покрај преработениот 1,0-литарски бензинец, во понудата ќе има и комплетно нов 1,5-литарски бензинец со 121 КС, како и изведба со хибриден погон и системски 116 КС, којашто веќе се подразбира кога станува збор за Yaris и за Toyota. Хибридната изведба исто така го користи новиот 1,5-литарски бензинец, во комбинација со електромотор и менувач CVT. Toyota ветува дека новиот хибриден погон е уште поштедлив, но и дека тој реагира побрзо од кога било досега. На германскиот пазар ќе се нудат шест нивоа на опрема. Посебно за почетокот на продажбата, на најголемиот пазар во Европа ќе биде достапна и лимитирана серија Premier Edition.

Новиот Yaris ја користи платформата GA-B, развиена во согласност со актуелната TNGA-архитектура што се применува за целата гама од модели на јапонската марка. Со 3,94 метри, конкурентот на Polo & Ibiza е покус од претходникот, а воедно е поширок и понизок. Просторноста во кабината сепак е зголемена, благодарение на продолженото меѓуоскино растојание. Збогатеното ниво на комфорна и безбедносна опрема ќе придонесе долгите возења да бидат мошне пријатни.

Богато ниво на опрема и комплетен пакет од системи за безбедност, по пример на Corolla

Во четвртата генерација, Yaris уште во основното ниво на опрема ќе поседува електрика на ретровизори и на предните прозорци, клима уред, централна брава и инфо-дисплеј од 4,2 инчи (околу 11 сантиметри). За безбедноста се грижат осум воздушни перници и богат арсенал од системи за асистенција Toyota Safety Sense. Покрај систем за самостојно запирање при опасност од судир, кој предупредува и за пешаци и велосипедисти, во пакетот се вклучени и предупредување при вклучување на крстосница, активен систем за следење лента и автоматика за долги светла, како и камера за знаци.

https://photos.app.goo.gl/HLrPh742g9zrzX8g9

За верзијата со хибриден погон со системски 116 КС, Yaris во основното ниво дополнително поседува и електрична паркирна сопирачка, автоматска клима и средишен потпирач за рака. Хибридниот Yaris има и диск сопирачки назад.

Во второто ниво на опрема Comfort, се добиваат сензор за дожд, кожен волан и мултимедиски систем со дисплеј на допир од 7 инчи (околу 18 cm). Системот подржува блутут, поврзување со мобилен преку Apple CarPlay и Android Auto. На дисплејот се прикажува и сликата од задната камера. Хибридната верзија во ова ниво на опрема поседува и заден спојлер лакиран во црна боја. Третата погонска опција со ниво на опрема Comfort е 1,5-литарскиот бензинец, кој стандардно се испорачува со безстепен менувач Multidrive S.

https://photos.app.goo.gl/opxaJxY1uYs33wJ96

Посебно за деловни клиенти се нуди Business Edition, коешто е достапно само со хибриден погон и дополнително поседува грејачи во предните седишта и навигација Touch&Go.

Четвртото ниво на опрема е Yaris Club, со алу-бандажи од 16 инчи, маска лакирана во црна боја и диодна техника за сите светла. Покрај подоброто осветлување, овие светла ставаат и оптички нагласок. Опремата понатаму вклучува уште електрика за задните прозорци и поголем дигитален дисплеј во инструментите.

Двобојна каросерија во највисокото ниво на опрема Style

Највисокото ниво на опрема привлекува погледи со двобојната каросерија. Yaris Style има седишта со комбинација од црна кожа и платно, вратите се отклучуваат автоматски, ретровизорите се собираат, страничните украсни лајсни имаат финиш со изглед на клавирски лак, задните стакла се затемнети, бандажите добиваат уште еден инч (17“), а има и автоматска работа за климата. Централниот дисплеј исто така расте за еден инч, на осум инчи, а озвучувањето работи со шест звучници.

https://photos.app.goo.gl/Fsh5H7jxnpyaCULK8

Посебно за почетокот на продажбата ќе биде достапна и лимитирана Premiere Edition, со уште побогато ниво на опрема, вклучувајќи проекциски дисплеј и амбиентално осветлување, како и неколку ексклузивни детали во надворешноста и во кабината.

Тоа што долго е вообичаено за големите европски пазари, кога претстои генерациска смена на одреден модел, се практикува и во Тојота Авто Центар за генерацијата на Yaris што сега е во заминување. Понудата е 10.490 евра за Toyota Yaris 1.0 Terra со 72 КС, со попуст од 1.200 евра од редовните 11.690 евра. Во случај на финансирање на продажбата, учеството изнесува 2.275 евра, а месечно се отплаќа по 120 евра во период од седум години.

Врска до понудата на Тојота Авто Центар https://www.toyota.com.mk/promocija/sekoj-den-sekoj-pat/

Претходна објаваОд Монте Карло до Нов Зеланд: Најважните места во историјата на Skoda
Следна објаваМобилна апликација на Kia информира за електромобилноста

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here