McLaren го одбележува првото учество на 24 часа Леман со специјална серија од 720S Coupe. Од целата серија од 50 примероци, во Европа ќе се пуштат само 16 примероци. Секој примерок од специјалната верзија Леман носи посвета со лого “McLaren 25 Anniversary Le Mans”. Серискиот број на возилата почнува со 298, тоа е бројот на кругови што ги извозе победничкиот F1 GTR – односно извозе еден круг повеќе од најблискиот ривал.
McLaren F1 GTR со стартен број 59, на 18-ти јуни 1995 година го освои победничкото знаме со возачкиот тим од Џ.Џ. Лето, Јаник Далма и Масанори Секија. Меѓу првите пет болиди имаше уште три F1 GTR. Победата во Леман му донесе на McLaren уште едно место во историјата на мотоспортот, по победите во Формула 1 и Индијанополис 500.
Каналот на покривот води дополнителен воздух за ладење на погонската спрега и придонесува за поефикасно одведување на топлината. Предните крила со ламели од карбон го намалуваат аеродинамичкиот потисок што се создава при ротирањето на предните тркала, а во исто време се смалува и тежината.
Четирилитарскиот битурбо V8 обезбедува спринт до темпо сто за 2,9 секунди, до темпо двесте за 8,7 секунди, и така до 341 km/h. Централната структура на Monocage II од карбон и проактивното подвозје Proactive Chassis Control II придонесуваат 720S да биде најлесен автомобил во класата.
Како што е вообичаено за McLaren 720S, купувачите можат да нарачуваат по желба. Тоа се однесува на комбинации од бои за каросеријата и кабината, при што „Леман“ поседува неколку специфични детали, како браници во сива боја, црна хауба на покривот со поликарбонат, ексклузивни бандажи или сопирачки клешти во златна боја.
McLaren 720S Le Mans од оваа страна на Ламанш чини 298.179 евра, а првите купувачи ќе го добијат својот автомобил уште во септември.
https://photos.app.goo.gl/chHovSYizcdR4RyW9
















