Bentley произведе 20.000 примероци од Bentayga, откако луксузниот СУВ-модел стартуваше во 2016 година. Станува збор за најбрзиот и најлуксузен СУВ во светот. Британскиот производител со богата традиција тогаш го најави моделот како „моќен, индивидуален и исклучителен во подеднаква мера, наменет за тие што бараат луксуз без компромиси“.
Во секој примерок од Bentayga се вложуваат повеќе од 100 часови работа, на посебна лента за рачна монтажа во Кру, кадешто е ангажиран тим од 230 врвно обучени лица. Понудата моментно се состои од пет моделски изведби и четири различни мотори, со што се допира до поширок круг купувачи.
СУВ-моделот мина најразновидно и најобемно тестирање од сите модели на Bentley претходно. Прототипите се тестираа во Јужна Африка, во Дубаи, Чешир, на Нордкап и во пустина на 50 степени Целзиусови.
Клиентите посебно го ценат системот Bentley Dynamic Ride. Тоа е првата технологија за активно спречување на наведнувањето на каросеријата во свијоци, со помош на електрика, односно со примената на 48-волтна место класична 12-волтна мрежа, што дозволи вградување на посилни електромотори кои се способни да се стротивстават на големите оптоварувања. Во принцип, електромоторите ја заменуваат функцијата на стабилизаторите, со значајната разлика што ја приспособуваат асистенцијата зависно од моментното оптоварување, додека функцијата на стабилизаторите главно се одредува со нивниот пречник.
Секако дека не недостига и избор на најразлични програми за возење. На располагање стојат дури осум модуси, за најразлични подлоги и за најразлични услови на возење, за комфор или за спортско возење.
Со 306 km/h, Bentayga Speed е најбрз СУВ во светот
Понудата од погонски единици ја сочинуваат W12, спортски V8, хибридна варијанта со мотор V6 и тритурбо-дизел V8. Прв стартуваше 6.0 W12, со 608 КС и 900 Nm, со когошто тешкиот СУВ спринтуваше до темпо сто за 4,1 секунди и постигнуваше крајни 301 km/h. Потоа следеше V8, со спортски нагласок, 550 КС и 770 њутнметри.
Клучен момент беше поставувањето рекорд на прочуената Пајкс Пик, опасната и предизвикувачка планинска трка во Колорадо. Рис Милен ги извозе 20-те километри за 10:49.9 минути, за две минути подобро од претходниот рекорд. Овој подвиг беше посгигнат со специјалната изведба Bentayga Speed, со моќност зголемена на 635 КС, со соодветни преправки во погонската спрега и подвозјето, но и со спринт скусен за две десетинки и крајни 306 km/h. Луксузниот СУВ е прв модел на Bentley што може да вози и само на струја, барем колку што дозволува батеријата во хибридната варијанта со бензински V6.
Колку чини дополнителната опрема во Bentley?

















