Kia Rio доби освежување, повеќе техника отколку козметика

Kia Rio моделско освежување 20
Kia Rio моделско освежување 20

Нови мотори, изведби со благ хибриден погон со 10% заштеда, освежени системи за асистенција, вклучувајќи и средно ниво на автопилотирано возење, „електронска“ спојка – сето тоа пристига со новото моделско годиште на Kia Rio. Тука нема здодевни и бескорисни најави од видот на нови бои или најголеми дисплеи во класата.

Kia реагира со моделско освежување на Rio, откако на пазарот пристигнаа новите генерации на Renault Clio и Peugeot 208, а воедно во чекор со претстојниот старт на новиот Toyota Yaris. Новото моделско годиште на конкурентот на Polo и Fiesta се разликува во неколку детали во изгледот на каросеријата и во внатрешноста. Главната промена сепак се изведбите со благ хибриден погон. Kia првпат во Rio го вградува 48-волтниот хибриден систем, но во комбинација со бензински мотор – тој досега функционираше кај Sportage EcoDynamics+ со дволитарскиот дизел. Уште една новина од Kia е мануелен менувач со технологија „clutch-by-wire“.

Благиот хибриден погон во Kia Rio работи во погонска комбинација што се состои од новиот 1,0-литарски T-GDi, стартер-генератор (анласер и алтернатор во едно) и мала литиум-јон батерија, сето тоа поврзано во мрежа што работи под напон од 48 волти, место стандардните 12 волти.

Стартер-генераторот е поврзан со коленастото вратило на моторот преку ремен и функционира, и како електромотор, и како генератор. Во првиот случај, како електромотор, тој му асистира на моторот при забрзување, намалувајќи го напрегањето на моторот, а со тоа и потрошувачката. Енергијата за тој мал „буст“ доаѓа од литиум-јон батеријата, којашто се полни кога стартер-генераторот работи како генератор. Тоа се случува при секое забавување и сопирање.

Кај новите мотори Smartstream се менува и времетраењето на отворањето на вентилите

Новиот мотор 1.0 T-GDi од генерацијата Smartstream доаѓа на местото на претходниот Kappa и поседува систем CVVD, што е мошне вредна технологија во класата на Rio. Тука не станува збор само за менување на „фазата“ на брегастото вратило, туку и за промена во времетраењето на отворањето на вентилите. Моќноста е иста, односно 100 и 120 КС, но вртежниот момент кај посилната варијанта е зголемен за 16% и тој сега изнесува 200 њутнметри.

Заштедата во гориво со благиот хибриден погон, односно со EcoDynamics+, изнесува меѓу 8,1 и 10,7 проценти (според NEDC). Тој е достапен во верзијата на 1.0 T-GDi со 100 и со 120 КС. Систем за избор на режим на возење – еко, спортски и нормален – следува како стандард.

https://photos.app.goo.gl/Va5Zv4e7ysjtShon7

Kia Rio во варијантата со благиот хибриден погон EcoDynamics+ е меѓу првите модели на марката што е опремен со новиот интелигентен мануелен менувач iMT. Тука се користи „clutch by wire“, односно нема механичка врска меѓу педалот и спојката, туку активирањето се врши чисто по електронски пат. Системот исто така придонесува за смалување на потрошувачката, меѓу другото и со порано прекинување на работата на моторот, кога возилото ќе се пушти по инерција.

Во сите подрачја е додадено по нешто плус, од моторите, преку менувачите, до рабоатата на старт-стоп, со цел да се постигне намалена потрошувачка и помало загадување

Моторот 1.0 T-GDI од генерацијата Smartstream работи и во обична варијанта, со 100 и 120 КС. Има новитет и кај основниот 1,2-литарец со 84 КС, кој сега користи по два инјектори по цилиндар. Верзијата со 100 КС сега има шестстепен мануелен менувач, место петстепен, а може да се комбинира и со менувач со двојна спојка 7DCT.

Има измени и во системот старт-стоп. Дополнителна заштеда се постигнува со тоа што моторот се гасне кога во исто време се притискаат спојката и сопирачката за време на запирањето. Претходно системот работеше само зависно од спојката. Целта е да се заштеди гориво и да се смали емисијата.

Rio е меѓу првите модели во Европа со новиот систем за навигација и воопшто прв модел што нуди телематика Phase II UVO Connect, за поголема функционалност при поврзување на мрежата. Новиот мултимедиски систем располага со дисплеј од 8,0 инчи и блутут поврзување за два преносни уреди.

Благи промени во изгледот и стилски дотерувања во внатрешноста

Останува „тигарскиот нос“, но тој сега е потесен, заради хармонија со новиот и поширок преден браник и со новите рамки за магленките. Сите моделски изведби сега поседуваат диодна техника за сите функции на светлата. Нови бои се сива и сина, со што сега вкупно се достапни девет бои. Има и нов дизајн за алу-бандажи од 16 инчи.

Внатре има измени и на око и на допир – покрај спомнатиот средишен дисплеј од 8,0 инчи. Дисплејот од 4,2 инчи во инструментите е со поголема резолуција. Новитет е опцијата за внатрешноста да се изведе со детали во сина боја, по пример на XCeed. Во нивото на опрема GT-Line сега следува еднобоен црн ентериер, со детали во бела боја и украсни панели со изглед на карбон. Висинското местење е стандард и за совозачкото седиште.

https://photos.app.goo.gl/xZSuw6HbKpjQ4d7y8

Системите за асистенција се дополнети со нови функции, кои веќе се нудат и во останатите моделски семејства на Kia, меѓу кои радарски темпомат што запира и поаѓа сам во колона, или самостојно следење лента, коешто функционира до 180 километри на час – за потсетување, европската централа на Kia е во Германија, кај „аутобаните“. Интересна функција е предупредувањето на возачот, кога возилото напред што чека на семафор ќе појде, но возачот не внимава пред себе.

Продажбата на новото моделско годиште ќе започне во третиот квартал. Секако, вклучувајќи ја фамозната гаранција во времетраење од 7 години или 150.000 километри.

Kia до април продала близу 7.000 електрични автомобили во Европа

 

Kia до април продала близу 7.000 електрични автомобили во Европа

Претходна објаваPorsche на еден час „рента“ станува барана услуга
Следна објаваAudi e-tron е новиот електро-крал на Норвешка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here