Koenigsegg подготвува „основен“ модел: 700 КС и под милион евра

raw-by-koenigsegg
raw-by-koenigsegg

Ценовникот на Koenigsegg почнува од еден милион евра. Без разлика дали станува збор за Agera, Regera, Jesko или Gemera, нарачателите на овие возила плаќаат далеку над еден милион евра, вклучувајќи ги и посебните желби. Долго се зборува за нов модел на Швеѓаните, што ќе го спушти влезниот праг во ексклузивната марка.

Плановите на Koenigsegg за воведување нов модел што ќе биде позициониран под ултраспортските болиди од рангот на Jesko почнаа да добиваат конкретна форма. Дизајнерското студио Raw Design House, коешто е компанија ќерка на Koenigsegg и основано е од дизајнерот Саша Селипанов, објави фотографии за коишто се претпоставува дека го најавуваат идниот нов модел на Швеѓаните.

Изгледот на автомобилот е дело на младиот дизајнер Еса Мустонен, кој го креираше стилот во консултација со Селипанов и со сопственикот на компанијата Кристијан фон Кенигсег. Идејата е новиот модел да се понуди како подмарка со име „Raw by Koenigsegg“, со цена и со перформанси под досегашните модели на Koenigsegg.

Во дизајнот се препознаваат белезите на марката, како заоблениот ветробран и покривот со традиционалниот „double bubble“. Каросеријата има поостра форма и опашот е изведен спектакуларно. Назад практично нема превис, каросеријата завршува веднаш зад тркалата, но затоа има џиновски дифузор во стилот на дополнителните горилници кај млазните авиони. Во споредба со Regera или Gemera, идниот „Raw by Koenigsegg“ е значително покус. Официјални податоци уште не се објавени.

Симетрија на екстреми: Три седишта : Tри цилиндри, 700 КС : 700 килограми

Основа на автомобилот е карбонски монокок, со простор за три седишта. Слично како Mclaren F1 или новиот Speedtail, возачот седи во средина, а совозачите се лево и десно, на седишта што се повлечени поназад. Моторот е трицилиндарец со зафатнина од два литри – истиот мотор како во Gemera. Моторот е означен како TGF, а во значењето на кратенката има и добра доза хумор – Tiny Friendly Giant, имајќи предвид дека се работи за три цилиндри, за принцип што надвор од инженерските кругови наидува на скепса.

Шведскиот трицилиндарец ослободува 700 КС. Уште еден предизвик за Koenigsegg е драстичното намалување на тежината. Со масивна примена на карбон, „Raw“ ќе тежи под 700 килограми. Идејата е да се повтори тежинскиот сооднос 1:1 на легендарниот Koenigsegg One:1 (моќност од 1.360 КС наспроти тежина од 1360 килограми).

Нема најава кога би можело да стартува новиот модел од новата подмарка „Raw by Koenigsegg“. Компанијата и без тоа е зафатена во изработка на нарачаните примероци од Regera и Jesko. Дури в година ќе стартува и изработката на новата Gemera.

Претходна објаваШто најмногу би сакале од Cadillac и Chevrolet да слушаме во нашите коли
Следна објаваИзработете сами Toyota Celica – за во дневната соба

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here