Додека Македонија ја зголемува акцизата на горивата, во Италија се планираат субвенции за велосипеди и тротинети. Идејата е да се растовари јавниот превоз во градовите.
Италија почнува со намалување на рестрикциите за излегување. Со цел да се спречат турканици во автобусите и метроата, италијанската влада планира да воведе субвенции за велосипеди и тротинети. Засега уште не се објавува висината на субвенциите.
По долг период на строго ограничено излегување, за италијанскиот народ ќе следи мало растоварување на рестрикциите почнувајќи од 4-ти мај. Неколку фабрики и фирми повторно ќе работат. Луѓето веќе седум недели не смеат да излегуваат надвор од своите домови.
Мора да се спречат турканиците во јавниот превоз, но нема доволно автобуси и метроа за тоа да се постигне. Јавниот превоз ќе користи само половина од капацитетот, заради одржување на социјалната дистанца. Доколку сите седнат во своите автомобили, улиците ќе се блокираат. Единствено решение се зафати директно во сообраќајот, со цел да се ослободи повеќе простор за велосипедите.
Милано веќе работи на обезбедување на привремени велосипедски патеки и проширени тротоари, за на велосипедистите и пешаците да им се овозможи да го одржуваат неопходното растојание. Улиците се приспособуваат во вкупна должина од 35 километри, вклучувајќи го и Корзо Буенос Аирес, една од главните зони за шопинг во градот.
















