Пред новиот ID.3 да пристигне во продажните салони,Volkswagen нуди големи попусти за e-Golf на германскиот пазар. Во некои случаи, Golf на батерии е поевтин од најдостапната изведба со бензински мотор.
Почетокот на големата офанзива на Volkswagen со електрични возила е на повидок, но претходно мора да се исцрпат залихите од старите модели со електричен погон. Според последните истражувања на Универзитетот Есен-Дуизбург, батерискиот Golf моментно се нуди со големи попусти на германскиот пазар.
Најдрастични се онлајн-дилерите, чиишто понуди стартуваат одвај над звучната граница од 20.000 евра, вклучувајќи ја масивната државна субвенција во висина од 4.000 евра. Редовната цена на електричниот Volkswagen за германскиот пазар изнесува 31.900 евра. Со онлајн-понудите, цената на e-Golf доаѓа дури и под редовната продажна цена на најдостапниот Golf со обичен мотор.
Конкуренција од сопствените редови: Новиот ID.3 развиен како електричен автомобил е подостапен и поефикасен од стариот e-Golf
Пазарните аналитичари ценат дека големите попусти се должат на претстојниот пазарен старт на електричниот модел ID.3. Развиен посебно како автомобил со погон на струја, ID.3 ќе нуди досег од околу 300 километри, почнувајќи од 30.000 евра. Стариот e-Golf со неговиот досег од 233 километри слабо може да конкурира на понудата од сопствената марка. За попустите дополнително влијае и фактот што претстои воведување на комплетно новата моделска генерација на Golf VIII.

Во првите осум месеци, електричниот Golf учествувал во вкупната продажба на моделот на германскиот пазар со само 3,6 проценти, односно од секои сто продадени примероци од целата моделска серија, одвај четири биле со погон на батерија. Уште помал е интересот за плагин-хибридниот Golf GTE со учество од само 0,1 процент.
Најдостапната моделска изведба со обичен погон е бензинскиот Golf 1.0 TSI OPF Trendline со 115 КС, со цена од 21.415 евра според германскиот ценовник. Дизел-понудата стартува со Golf 1.6 TDI SCR Trendline со 115 КС, со цена од 24.145 евра.
















