Две премиери од Mitsubishi за претстојниот салон во Токио. За претходно најавениот концепт на СУВ со достапен плагин хибриден погон сега се знае дека нема покрив, а како втор новитет пристига уште еден концепт, но на база на популарните и привилегирани кеи-автомобили.
Јапонците досега не се пожалиле дека имаат проблеми со посетеноста на големите салони на автомобили. Можеби една од причините што Јапонците уште имаат интерес за автомобилските прослави се необичните концепти и премиерите што се држат во неизвесност до последниот момент.
На салонот во Токио (од 24-ти октомври до 4-ти ноември), Mitsubishi ќе изложи два светски новитети. Едниот е Mi-Tech, развиен како малечок СУВ со плагин хибриден погон, кој беше најавен претходно, вториот е Super Height K-Wagon Concept, како автомобил што спаѓа во посебната кеи-категорија, со ограничени димензии и мотори, но со големи поволности во сообраќајот и при регистрација.

СУВ-концептот, сега со име Mi-Tech, користи плагин хибриден погон, што не е новитет во Mitsubishi, ако се има предвид дека Outlander PHEV веќе со години постигнува шампионски резултати во продажбата во својот сегмент. Новитетот е во тоа што погонот на сите тркала е реализиран, не со еден и не со два или три, туку со четири електромотори.
Техничарите веројатно ќе сакаат да нагласат дека вака реализираниот 4WD е добар подеднакво и за динамиката и за пробивање по тежок терен – благодарение на фактот што секое тркало посебно може да ја добие точно потребната доза њутнметри, во вистинското време.
Но, тоа е само почеток. Место бензинец што работи како генератор на струја за електромоторите, во Mi-Tech се користи гасна турбина. Во возењето ќе може да се користи чисто електричен погон, или сериски хибрид
Новитети има и во работата на безбедносните системи. Mi-Pilot не само што го предупредува возачот во случај на опасност од судир, туку и му помага да ја совлада ситуацијата, преку асистирање со воланот и сопирачките. Посебно доживување за посетителите ќе биде демонстрацијата на сите агли и пречки што може да ги совлада возилото во виртуелна реалност.
Втората атракција за публиката ќе биде концептот Super Height K-Wagon, како типичен претставник на категоријата кеи-автомобили, кои имаат точно одредени гранични димензии на каросеријата и зафатнина на моторот (660 сантиметри кубни). Малечкото комби додава спортска управливост и лути перформанси, додека кабината и натаму нуди максимално можен комфор и практичност за големината на каросеријата. Пакетот од систенми за асистенција Mi-Pilot е присутен и тука, вклучувајќи систем за следење лента на автопат или самостојно запирање при опасност од судир.
Покрај Mi-Tech и K-Wagon, на штандот на Mitsubishi ќе бидат изложени и …
концептот Engelberg Tourer (јапонска премиера),
https://photos.app.goo.gl/QaRygcEtD1RuKKbW9
Outlander PHEV,
https://photos.app.goo.gl/pTxD3owfcneem1LZA
Delica D:5,
https://photos.app.goo.gl/CqrjBc1GQQvfGCoS7
RVR (ASX),
https://photos.app.goo.gl/QbEgBp9mLkVpxLUz6
Eclipse Cross,
https://photos.app.goo.gl/xZVJ9PLgarXBUDsu6
eK Wagon и eK Cross.
https://photos.app.goo.gl/fUsHaQijjLnsk6nG9
















