Индискиот автомобилски пазар се раздвижува сé повеќе, како што се потврдуваат очекувањата за следниот голем продажен бум, по пазарот во Кина. Suzuki таму е речиси на домашен терен. S-Presso е вистинско освежување, не само според името, туку и според содржината.
Maruti Suzuki го претстави мини СУВ-моделот S-Presso, по долги најави и со големи очекувања, особено по појавувањето на неколку интересни возила во тој сегмент, меѓу кои и Renault Kwid. Малечкиот СУВ е дизајниран локално и ќе се продава локално, но е можно дека и неколку блиски пазари ќе го добијат новиот модел од специјалистот Suzuki.
За условите на возење во земјата е важно тоа што 40% од каросериската структура е изработена од челик со висока цврстина. Основата доаѓа од петтата генерација на платформата Heartect, што значи дека во поглед на конструкцискиот пристап, S-Presso не се разликува од моделите што се продаваат во Јапонија или Европа. Возилото е долго 3.565, високо 1.564 и широко 1.520 милиметри, меѓуоскиното растојание изнесува 2.380 милиметри.
https://photos.app.goo.gl/cHkbuybvCX3bLPKF6
Шефот на Maruti Suzuki, Кеничи Аикава, при претставувањето на новиот модел посочи дека станува збор за нивниот осми модел во земјата, којшто исполнува строги норми за издувни гасови – Индија воведе построг третман во поглед на штетните емисии од сообраќајот, откако нивото на загаденост на воздухот достигна алармантни ведности.
Зголеменото растојание од подлогата и робусната конструкција се услов за индискиот пазар, поради условите во патната мрежа во земјата
Робусниот изглед на СУВ доаѓа и со зголемено растојание од подлогата. Свеж детал во внатрешноста е тркалезната форма на средишната конзола, во којашто е сместен дигитален брзиномер и дисплеј за ракување со инфо-забавниот систем. Поврзувањето со паметен телефон функционира, исто како и подршката за гласовни команди. Во топ-нивоата на опрема се вградува и навигација.
https://photos.app.goo.gl/qhVp1GMHoqCXPmMcA
Под хаубата работи еднолитарски бензинец со фабрички код K10, со моќност од 68 КС и вртежен момент од 90 њутнметри. Просечната потрошувачка според фабрика изнесува 4,6 литри.
Ценовникот за основната моделска изведба на Suzuki S-Presso на индискиот пазар почнува од 369.000 рупии, односно околу 4.700 евра, додека за топ-моделот се потребни околу 6.400 евра, вклучувајќи роботизиран менувач.
S-Presso е втор модел на Suzuki со име на тема кафе, прв беше легендарниот Cappucchino
https://www.instagram.com/p/B3HG6fynuA9/
















