Тимови од цел свет со специјални возила на соларен погон, се собираат на секои две години да ги соочат силите по пустите патишта по австралиските простанства. На 15-та светска трка на возила со соларен погон, годинава од 13-ти до 20-ти октомври ќе се натпреваруваат 53 тимови од 24 држави.
Возилата имаат за совладување растојание во должина од 3.000 километри, од Дарвин на крајниот север на Австралија, до Аделаида на југот. Ова растојание треба да се мине за пет денови, што значи дека просечната дневна тура изнесува по 600 километри. Тоа е веќе јасен знак дека овие соларни возила не се обични „играчки“, туку се врвно подготвени машини со висока технологија, во коишто дури и на бојата ѝ се придава значење за да се постигне помал отпор на воздух.
Производителот на гуми Bridgestone е спонзор на овој светски спектакл уште од 2013 година. Тимовите се натпреваруваат со возила во три посебни категории: Трка за најбрз соларен автомобил, трка за најпрактичен соларен автомобил со концепт што би можело да се реализира во иднина и трка во слободна конкуренција, кадешто може да се учествува со било какво возило со погон на сончева енергија, само за забава.

















