Електричниот СУВ на Audi доби нова изведба, со смалена моќнсот на погонската спрега и помала батерија. Соодветно се смалува и цената, но целта е првенствено Audi e-tron да влезе во субвенционираната ценовна категорија на германскиот пазар.
Audi e-tron 50 Quattro е ознаката на новата моделска изведба на хит-електричниот СУВ на баварците. Двата електромотори во основната изведба на e-tron постигнуваат заедно 313 КС и вртежен момент од 540 њутнметри. Батеријата од 71 kWh испорачува енергија за повеќе од 300 километри пат, според WLTP. Најважното со понудата на овој модел е тоа што со цената под 70.000 евра, „e-tron 50“ ги исполнува условите за субвенционирање во Германија. Изведбата e-tron 55 quattro на германскиот пазар чини 81.000 евра.
Audi e-Tron 50 quattro ќе стартува со нарачки во последниот квартал. Спринтот до сто трае седум секунди, крајната брзина е ограничена на 190 km/h. Техниката подржува користење полначи со моќност до 120 киловати. Во тој случај, електричниот СУВ целосно ќе ја обнови енергијата за половина час. При користење полнач со наизменична струја со моќност од 11 kW, батеријата се полни за околу седум часови.
Возачите на електричните возила на Audi имаат обезбедено пристап до повеќе од 100.000 јавно достапни полначи за струја ширум Европа, преку „Audi e-tron Charging Service“.
















