Ford отвора уште еден фронт за електричните возила. Rivian е нов партнер на гигантот од Дирборн и ја отстапува својата платформа за дополнителни електрични модели на Ford, покрај кросоверот во стил на Mustang и електро верзија на пикапот F-150.
Ford инвестира половина милијарда америкаански долари во компанијата Rivian, којашто предизвика голем интерес на сцената, откако ги прикажа своите концепти на пикап и СУВ-возило на најважните салони на автомобили во земјата. Договорот е компанијата Ford да ја користи таканаречената скејтборд-платформа на Rivian, врз којашто беа базирани двата концепти, пикапот R1T и неговата СУВ-изведба R1S. Целата следна генерација на електрични автомобили на Ford ќе ја користи оваа основа.
Досегот, перформансите, возните својства, многу аргументи преоѓаат на страната на електричните возила – остануваат уште цената и инфраструктурата
Досегот на возилата на Rivian изнесува околу 650 километри. Производителот ветува комбинација од врвни перформанси, теренски својства и практичност. Производството ќе стартува кон крајот на 2020 година.
Партнерството му обезбедува на Ford свеж пристап во новите видови на погон и во подемот на вештачката интелигенција во возилата, додека Rivian за возврат може да се повика на искуството и ресурсите на автомобилскиот гигант од Дирборн.

Автомобилот на Ford што ќе произлезе од оваа соработка ќе ја користи приспособливата платформа на Rivian и ќе биде дополнување на електричните модели што Ford ги подготвува настрана од соработката. Ford веќе го потврди пристигањето на два електрични автомобили, како дел од програмата вредна 11 милијарди долари. Во 2020 година пристига кросовер со стилски детали од Mustang, а потоа и верзија на бестселерот F-150 со погон на батерија.
Rivian останува независна компанија, а со масивната инвестиција, Ford добива место во седумчлениот одбор на компанијата.
















