Одликувани најдобрите иновации во автомобилската бранша

Во германскиот град Франкфурт беа одликувани најдобрите иновации во автомобилската бранша за тековната година. Настанот во организација на Центарот за автомобилски менаџмент од Бергиш Гладбах и консултантската компанија PwC се одржува дванаесетти пат и ги промовира најиновативните производители на автомобили и добавувачи. Годинава конкурираа 1.162 иновации од 19 производители на автомобили и 60 марки.

За најиновативен концерн за 2017 година е прогласен Volkswagen. Може да се претпостави дека тоа се должи на бројноста и разновидноста на марките под покривот на концернот, кој со 244 бодови е пред Daimler (130 бодови) и американскиот концерн Tesla (87 бодови). Но, повеќе од половината од иновациите од концернот пристигаат само од марката Audi: Вкупно 271 изуми, од кои 53 светски новитети, првенствено во подрачјето на системите за асистенција и во вмрежувањето. Премиум марката од баварскиот Инголштат прва во светот применува „предупредување при опасност“ и „информации за семафор“, како системи од таканаречената Car-to-X комуникација, во модели од средната класа и во теренците.

Автомобилската индустрија ќе претрпи темелна трансформација до 2030 година – технологиите што ќе придонесат за тоа се развиваат веќе денес

Најиновативен модел е Mercedes E-Class, со 26 иновации, вклучувајќи изуми во подрачјето на аеродинамиката, штедливи дизел мотори и безбедносни функции што се интегрирани во еден систем. Тука спаѓаат автоматското предупредување при опасност од налетување во колона во застој и таканаречениот PreSafe-звук, којшто при опасност го поттикнува инстинктивниот заштитен механизам на човечкото уво.

На второто и на третото место меѓу најиновативните модели се најдоа Q5 и Q2, кои придонесоа Audi да избие во минимална предност пред Mercedes и Tesla, во категоријата на премиум-марки. Меѓу големосериските производители, првото место му припадна на Volkswagen, пред Ford и Renault.

Renault предводи во алтернативниот погон меѓу големосериските производители

Во подрачјето на алтернативниот погон, меѓу премиум-марките за првпат победи Tesla. Жирито даде најмногу бодови за батериите со капацитет од 100 kWh, коишто овозможуваат досег од 613 километри – повеќе од било кое друго електрично возило. Кај големосериските марки, триумфираше Renault, со освеженото моделско годиште на Zoe и досегот од 400 километри, што е за две третини повеќе во споредба со претходниот модел. Во истата категорија спаѓа и 48-волтниот хибриден погон во Renault Scenic, што му донесе дополнителни бодови на францускиот производител.

https://automedia.mk/objavi/24424

Наградите во подрачјата на концепт на возило, автономно возење, интерфејс и вмрежување ги освоија Peugeot (за електричниот скутер во 3008 SUV), VW, Audi и Mercedes.

Прочуениот Центар за автомобилски менаџмент во Бергиш Гладбах 12-ти пат ги анализира и оценува иновациите во браншата. Годинава учествуваа 19 автомобилски концерни и 60 марки, со вкупно 1.162 иновации, од кои дури 158 се светски новитети

Посебно се оценуваат новитетите од добавувачите на производителите на автомобили, кои годинава учествуваа со 281 иновација. Експертско жири оценува во пет категории. Победата во категоријата погон му припадна на Schaeffler, за иновативната комбинација на менувач CVT и хибриден модул, којашто се одликува со мали енергетски загуби. Во категоријата шасија, каросерија и екстериер победи Magna, со новата техника за заварување којашто носи предности во изработката на лесни конструкции. Автономното возење најдобро му лежи на британскиот добавувач Delphi, за системот што ја предвидува сообраќајната ситуација. За „интерфејс и вмрежување“ е одликуван Visteon, за контролер што е интегриран во кокпитот и значително го олеснува ракувањето. Првата награда во категоријата за ентериер ја понесе Faurecia. Нивниот систем ги препознава расположението и здравствената состојба на возачот без потреба од дополнителни сензори, за соодветно да реагира во случај на стрес или замор на возачот, на пример преку масажна функција во седиштето, менување на температурата или прикажување на најблискиот модел во системот за навигација.

https://automedia.mk/objavi/27796

Токму добавувачите можат да бидат големи добитници од претстојната револуција во автомобилизмот, затоа што се многу пофлексибилни во истражувањето и развојот на иновативни технологии и системи. Покрај тоа, нивниот круг постојано се збогатува со нови субјекти, вклучувајќи ги гигантите како Google, Apple, Uber или Baidu.

Претходна објаваНа Mercedes му проработе ѕвездата: Рекорди 50 месеци по ред
Следна објаваДесет милиони тревокосачки на Honda од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here