Новиот 911 GT3 го извозе „Зелениот Пекол“ со време од 7 минути и 12,7 секунди, подобрувајќи го рекордот на својот претходник за повеќе од дванаесет секунди.
Првиот човек за развој на GT-моделите во Porsche, Андреас Пројнингер, најдобро ја објаснува големината на успехот на новиот 911 GT3 на Нирбургринг: „До пред неколку години, овие времиња на круг беа резервирани исклучиво за чистокрвните тркачки автомобили со слик-пневматици. Новиот GT3 го постигнува ова време со релативно умерена моќност, а покрај тоа може да се вози во секојдневието.“ Повеќе од дванаесет секунди разлика во споредба со рекордот на претходникот секако е вредност што предизвикува одушевување кај познавачите.
Овој GT3 може да појде од место и пак да извози круг побрзо од претходникот
На новиот Porsche 911 GT3 му беа потребни 7:12,7 минути да ги извози 22-та километри на патеката за одмерување на силите и на техничарите и на возачите. Рекордот на претходникот е подобрен за 12,3 секунди. За претстава на разликата: На автомобилите од овој ков им се доволни помалку од дванаесет секунди да забрзаат од место до 200 km/h. Тоа теоретски значи дека на местото кадешто претходниот 911 GT3 вози со 200 километри на час, новата генерација на моделот може да појде од место и повторно да постигне подобро време.
https://www.facebook.com/media/set/?set=a.10155606332967668.1073742066.53855227667&type=3
Директорот за мотоспорт и GT-модели на Porsche, Франк-Штефен Вализер: „Главното внимание беше на оптимизацијата на возливоста и на приспособување со благо зголемената моќност на моторот.“ Иако 911 GT3 е автомобил што може да учествува во редовен сообраќај, во неговите гени тој е чистокрвен тркач. Моторот ги извлекува 500-те коњски сили без помош од турбонатполнење, според класичниот принцип на високи вртежи – истиот мотор се користи и во тркачкиот 911 GT3 Cup.
Вализер: „Тој што е брз на Нирбургринг, ќе биде брз и каде било низ светот“
Автомобилот стартуваше во „Зелениот пекол“ или уште познат и како „Нордшлајфе“ (Северен јазол) опремен со управувана задна оска, со седумстепен менувач со двојна спојка и стандардни гуми Michelin Sport Cup 2 N1. Тест-возачот на Porsche, Ларс Керн, имаше совршени услови на патеката, при температура на воздухот од осум степени и температура на асфалтот од 14 степени.
















