Кинеска компанија инвестира милијарди во фабрика за електромобили во Германија

Кинескиот добавувач на автомобилски компоненти Beijing WKW Automotive ќе гради фабрика за електрични автомобили од луксузниот сегмент во Ротенбург, во германската покраина Саксонија. Продукцијата на возила ќе биде наменета за европскиот пазар. Во локалната подружница Delon Automotive GmbH ќе се инвестира 1,13 милијарда евра, се отвораат над илјада работни места.

Beijing WKW Automotive е заедничка инвестиција на германскиот WKW Automotive и кинескиот добавувач Beijing Zhong Huan Investment Management, основана во 2002 година и со седиште во Пекинг. Производственото портфолио опфаќа украсни и функционални компоненти изработени од алуминиум, пластика и челик за речиси сите производители на автомобили во Кина.

Околу 750 претпријатија во Саксонија произведуваат компоненти за локалните фабрики за автомобили, вклучувајќи ги и погоните на концерните Volkswagen и BMW, во коишто се врши монтажа на Porsche Cayenne, Macan и Panamera, како и на електричните автомобили на BMW. Ова масовно присуство на добавувачкиот сектор ќе биде од исклучителна корист и за новата кинеска инвестиција во земјата, односно за идната нова марка електрични автомобили во сегментот на Tesla & Co.

Експертите се сомневаат во компетентноста на добавувачот да развива автомобили

Германските експерти од автомобилската сфера ја пречекуваат веста со недоверба. Повеќето од нив посочуваат дека WKW е добавувач со средна големина, којшто не располага со доволен капацитет за развој на автомобили, а покрај тоа и цената на работната рака во Германија е значително повисока отколку во соседните земји.

Саксонија веќе долго време остварува успешна и доверлива соработка со кинеските партнери. Покраината одржува интензивни контакти со Кина уште од почетокот на 1990-те години. Моментно во Саксонија се активни 15 кинески инвеститори.

Претходна објаваЕвропа во купувачка еуфорија по хибридни автомобили
Следна објаваPorsche 911 GT3 за дванаесет секунди побрз на Нирбургринг

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here