Првиот примерок од Golf со погон на струја излезе од фабриката на Volkswagen во Дрезден. Во оваа спектакуларна фабрика некогаш се произведуваше луксузниот Phaeton. Од e-Golf дневно ќе се произведуваат по 35 примероци, што е третина од максималниот капацитет.
Во Стаклената мануфактура на Volkswagen во Дрезден повторно се произведуваат автомобили. По шестмесечна подготовка на производствените линии, од фабриката што првично беше наменета за луксузниот Phaeton излезе првиот Golf со погон на струја. Првиот контингент од 800 примероци од Volkswagen e-Golf ќе се испорача во Норвешка, којшто е најголем пазар за моделската изведба на Golf со погон на струја.
Volkswagen ја изгради стаклената фабрика во центарот на Дрезден во 2001 година, за производство на Phaeton. Откако луксузната лимузина замина во пензија, овие погони беа претворени во центар за електричните автомобили на Volkswagen, што концернот го чинеше околу 20 милиони евра.
Од почетокот на мај, дневно ќе се произведуваат по 35 примероци од e-Golf, додека максималниот капацитет изнесува сто возила. Дрезден е втората локација на којашто се произведува електричниот Golf, покрај фабриката во Волфсбург, кадешто продукцијата на овој модел е во значително помал обем. Моментно околу 300 работници се ангажирани во стаклената мануфактура, во една работна смена.
Новата верзија на e-Golf има досег од 300 километри, наспроти претходната којашто со едно полнење на батериите можеше да мине до 190 километри. Ова зголемување на досегот се очекува да даде силен поттик за продажбата.
https://youtu.be/ZD_RGE0BGug
















