Уживање во возењето, по малку луксуз и префинетост, плус спортски карактер – тоа го ветува Seat во новата моделска изведба на Ateca со традиционалната ознака FR. Спортската верзија на компактниот теренец ќе има премиера на салонот во Барселона, на 11-ти мај.
Додека фановите ја очекуваат верзијата Cupra во гамата на Ateca, Шпанците стартуваат со моделската изведба FR, како преодно скалило меѓу стандардната понуда и врвната спортска верзија. Ateca FR ќе има премиера на салонот во Барселона (од 11-ти до 21-ви мај). Со тоа продолжува најголемата моделска офанзива во историјата на Seat, отпочната со самата Ateca, со освежувањето на Leon и новата генерација на Ibiza, а наскоро и со кросоверот Arona, когошто можеме да го очекуваме веќе во втората половина од годинава.
FR е четвртото ниво на опрема во гамата на теренецот, покрај Reference, Style и XCellence, позиционирано исто со XCellence, но со поголем нагласок на динамиката и спортската нота. Од лансирањето на Ateca, Seat продаде над 40.000 примероци од моделот, што заедно со одличните бројки од Leon, Alhambra и Ibiza придонесе шпанската марка да постигне рекорден профит од 143 милиони евра во ланската деловна година. Во последните три години Seat бележи постојано зголемување на продажбата.
FR-третманот му прилега и на теренецот на Seat
Спортската верзија го носи логото FR напред и назад, кровните шини и рамките на прозорците се бојадисани црно. Вообичаено за ова ниво, решетката во маската има посебен дизајн и финиширана е во сјајно црна боја, браниците исто така имаат посебен дизајн, додека долните лајсни на праговите се изработени од алуминиум, исто како и заштитата на подвозјето. Посебниот печат на FR се забележува и во дизајнот на предните магленки. Спортската изведба се издвојува и со бандажите од 19 инчи, со гуми 245/40 R19, со црни странични спојлери на задното стакло и спојлер во продолжение на покривот.
Внатрешноста пречекува со алуминиумски прагови со лого FR, со специфичен дизајн на воланот со детали во сјајна црна боја, спортски седишта обложени со алкантара и алуминиумски педали. Посебен стил даваат црвените штепови на седиштата и на воланот, како и на рачката на менувачот, црниот таван и облогите на вратите, секако со дизајн на FR.
Заедно со FR, во гамата на Ateca пристига нов дволитарски бензинец со 190 КС. Покрај овој мотор, спортската верзија на Ateca е достапна и во комбинација со 1,4-литарски бензинец со 150 КС, како и со дволитарски дизел во верзија со 150 и 190 КС. Посилните изведби стандардно се испорачуваат со менувач со двојна спојка и погон на сите тркала, додека истите се понудени како опција во изведбите со послабите мотори. Со доплата се достапни прогресивно управување и контрола на динамиката на подвозјето.


















