Со нови компоненти изработени од карбон, Lotus ја смали тежината на Elise за повеќе од 40 килограми. Крајниот ефект е тежина под 800 килограми и спринт до темпо сто за 4,5 секунди. Не е без причина тоа што британските специјалисти за лесни конструкции ја водат новата серија како Elise Sprint.
Тежината и досега не му претставуваше проблем на Lotus Elise. Напротив, тоа е најголемата предност на оваа рачно изработувана спортска икона. Штом е така, предноста нека биде уште поголема. Британците ја освежија целата моделска серија на Elise и додадоа верзија Sprint, којашто е за 41 килограм полесна во споредба со стандардната и на вага покажува само 798 килограми. Лесните компоненти изработени од карбон може да се нарачаат одделно и за обичните изведби Elise Sport и Elise Sport 220.
Од чистокрвниот родстер досега се изработени близу 33.000 примероци во фабриката на Lotus во Хетел
Промените во изгледот се извршени во предниот и задниот дел од каросеријата, а целосно е преработена и внатрешноста, со средишна конзола од Exige и нови инструменти. Највпечатлив детал е отворената механика на рачката менувачот, по пример на Lotus Exige Sport 350. Два мотора се вградуваат во Elise Sprint, 1,6-литарски атмосферец со 136 КС и 1,8-литарец со механички компресор и 220 КС. Британците се навраќаат на својата историја со заживувањето на моделската верзија Sprint, којашто на времето се користеше кај Elan. Врвот во гамата на Elise и натаму му припаѓа на Cup 250.
Тука заштедија техничарите на Lotus:
Литиум-јонски акумулатор – 9 kg
Спортски седишта со карбонска школка – 6 kg
Ковани бандажи од алуминиумска легура – 5 kg
Преден капак, облога на заштитен лак и хауба на мотор од карбон, задно стакло од поликарбонат – 6 kg
Дводелни сопирачки дискови – 4 kg
Лајсни на прагови, од карбон – 0,8 kg
Нов преден браник од карбон – 8,7 kg
Преработена задна траверза и светла (две место четири) – 0,3 kg
Отворена кулиса на менувачот – 1,0 kg
По овие зафати, Lotus Elise Sprint забрзува до сто за 6,3 секунди, додека Elise Sprint 220 го скусува времето на 4,5 секунди. Овие перформанси се за очекување покрај соодносот меѓу тежината и моќноста од 3,6 kg/КС кај посилниот модел.
Звукот на моторот исто така е дел од традицијата што ја негуваат техничарите на Lotus. Со последното освежување повторно е дотеран звукот, особено кај моделите „220“. Интервенирано е и во аеродинамиката, во облогата на подот и пред предното тркало, како и со дополнителен дифузор назад. Нова боја за каросеријата е „Electric Light Blue“. По желба, воланот, отворите за возвух и лајсните може да се обложат со алкантара.
Напред работат двоклипни сопирачки клешти од AP Racing, назад едноклипни клешти од Brembo – со опција за дводелни сопирачки дискови. Тоа што е основа на секој Elise останува непроменети: Алуминиумска шасија тешка само 68 килограми, независна суспензија со двојни водилки напред, амортизери Bilstein и коаксијални пружини Eibach напред и назад.
Новото издание на најпродаваниот модел на Lotus во историјата ќе стартува со испорака веќе во април. Еден месец подоцна пристига и најпопуларната моделска изведба, Cup 250.





















