Од дузината марки што продаваат автомобили од премиум сегментот, германското трио покрива дури две третини од светската продажба. Mercedes повторно е најпродавана премиум марка во светот, пред BMW и Audi. Лани во светот се продадени близу 10 милиони „скапи“ автомобили.
Две третини од светската продажба на автомобили од премиум сегментот го носат логото на Mercedes, BMW или Audi. Со близу 2,1 милиони продадени автомобили, Mercedes лани се врати на првото место во премиум сегментот, односно на пазарот на „скапите“ автомобили. Со тоа заврши повеќе од еднодецениското владеење на BMW, иако пазарните познавачи ценеа дека Баварците ќе ја уживаат привилегијата барем уште неколку години.
BMW продаде нешто повеќе од два милиони автомобили, на третото место и натаму е Audi, лани со 1,9 милион возила. Според Mercedes, улогите треба да се распределуваат според традицијата. Први се пронаоѓачите на автомобилот, потоа е спортската марка од Минхен и на крајот се новаците од Инголштат. Во минатите години честопати се менуваа овие улоги. Mercedes западна во голема криза по спојувањето со Chrysler и неколку години мораше да го пропушти и Audi во продажбата.
Од пролетта 2013, Mercedes е во подобра форма од кога било досега. Новата S-Class, исто како и C-Class и E-Class, коишто се појавија релативно кусо по знаменосецот на марката, ги вратија квалитетот, техничкиот напредок и стилот какви што доликуваат за возилата од Штутгарт. BMW и Audi во почетокот заостануваа. Но, во следниов период конкурентите ќе претстават неколку нови модели што се значајни за бројките во продажбата. Audi уште во тековнава година ќе ги претстави новите генерации на A6, A8 и A7 Sportback, додека кај BMW за следната година се очекуваат новите изданија на сериите 3 и 4.
Не е изненадување: Четврта најпродавана марка од премиум сегментот е Lexus
Без оглед која марка од германското трио во моментов го предводи пазарот на премиум автомобили, јасно е дека меѓусебната конкуренција на Mercedes, BMW и Audi вродува добар плод. Конкурентските марки заостануваат далеку. Германското трио држи 63 проценти од светскиот пазар на „скапи“ марки. Не е изненадување тоа што четвртото место припаѓа на Lexus, престижната марка на Toyota, којашто постигнува најдобри резултати на пазарот во САД и држи 7 проценти од светскиот пазар на премиум марки. Следат Volvo со 6 проценти и Land Rover со 5 проценти, пред Mini (4%) и Cadillac (3%).
Покрај продажбата на големата тројка, останатите марки од премиум сегментот постигнуваат речиси незначителни продажби, вклучувајќи ги Porsche, Infiniti, Acura, Jaguar, Lincoln, Tesla, DS, Alfa Romeo, Maserati или Genesis. Лани во светот се продале 9,5 милиони возила од премиум сегментот, што претставува околу 10 проценти од вкупната продажба на патнички автомобили.
















