Goodyear со гума што мисли, чуствува, се менува – и топчеста е

Гумите во иднина веројатно ќе имаат форма на топка. Така барем изгледа иднината според Goodyear. Но, не е се во формата. Топчестата гума размислува, чувствува, самостојно интервенира и се менува. Концептната гума Goodyear Eagle поседува вештачка интелигенција и газечка површина што се менува според условите на возење.

Од Goodyear пристига нова концептна гума со име „Eagle 360 Urban“. Тоа е првата топчеста гума од Goodyear со вештачка интелигенција, којашто е во состојба да чувствува, да интервенира и да се приспособува на условите на возење. Покрај тоа, гумата на иднината се произведува со технологија на тридимензионално печатење.

Според производителот, новата технологија за гуми ќе одигра важна улога во иднината во којашто автомобилите управуваат самостојно и се поврзани во мрежата. За безбедно да се справуваат со сообраќајот, автономните возила мора да добиваат дополнителни информации. Тие ќе пристигаат директно од допирната површина на гумата со подлогата.

Goodyear Eagle 360 Urban е усовршување на концептот на топчеста гума што беше прикажан лани и импресионираше со способноста за маневрирање во сите правци. Тоа ја подобрува безбедноста, а во исто време и комфорот во возењето. Сензација беше и можноста возилото да паркира попречно, во еден потег.

Топчестата гума собира информации, ги обработува и самостојно ги спроведува

Иновативната гума сега доби и мозок. Информаците што се добиваат преку бионичката обвивка и приспособливата газечка површина, Eagle 360 Urban директно ги спроведува на дело. Гумата на тој начин станува составен дел од еден вид нервен систем, којшто го управува автомобилот на иднината и разменува информации преку интернет.

Goodyear Eagle 360 Urban 00001

Гумата добива податоци од останатите возила, од патната инфраструктура и од системите за управување со сообраќајот, ги спојува овие информации и ги обработува, притоа користејќи алгоритми што самостојно ги приспособува, односно гумата учи, стекнува искуство. Последново служи за навремена и точна реакција при следната ситуација со истите услови.

Една гума за сите сезони, буквално

Бионичката обвивка е изработена од еластични полимери, со флексибилност слична на човечката кожа. Под неа се наоѓа сунѓерест слој, којшто ја задржува флексибилноста под тежината на возилото. Под обвивката се наоѓаат погонски елементи што функционираат како мускули и се движат под дејство на електричните импулси од одделните сензори во газечката површина – чијшто дизајн исто така се менува. Кога подлогата е мокра, газечката површина добива профил, односно се измазнува кога подлогата е сува. На тој начин, Eagle 360 Urban се приспособува на временските услови. Нема повеќе потреба од зимски или летни гуми, ова е вистинската гума за сите сезони. Во исто време, информациите од гумата се пренесуваат преку интернет до останатите возила.

Кога ќе се оштети обвивката на гумата, сензорите во површината го локализираат оштетувањето и едноставно го коригираат ротирањето на гумата. Со тоа се намалува притисокот на оштетеното место и гумата може да започне со процесот на „заздравување“. Материјалите што се потребни за тоа автоматски се придвижуваат кон оштетувањето. Овие материјали реагираат физички и хемиски и создаваат нова молекуларна врска, којашто го затвора оштетувањето.

Goodyear побара студентите на француската школа за дизајн Isd Rubika да развијат концептен автомобил специјално за Eagle 360 Urban. Од тоа произлезе визионерскиот Umod, којшто е приспособен за градовите во иднината.

Претходна објаваPeugeot 3008 е европски автомобил на годината
Следна објаваТехнологијата е „закон“ во овој суперавтомобил: Techrules Ren

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here