До премиерата на новата генерација на BMW X3 останува повеќе од половина година, тестирањата се веќе во завршна фаза и се вршат „само“ дотерувања на финесите. Токму овие финеси го прават премиумот во баварската марка. Тимот експерти моментно е на тестирање на претсериските модели во екстремни услови, на педесетина километри од Поларниот Круг, во прочуениот Арјеплог.
Возната динамика и издржливоста се дисциплини во коишто BMW не смее да си дозволи и најмал пропуст. За машината да функционира во сите услови и на возачот во ниту еден момент да не му биде ускратена „радоста во возењето“, минхенската марка инвестира во тестирањето на новите модели. Долго пред секоја моделска серија да стартува со продажба, таа мора да ги има совладано најпредизвикувачките услови што можат да се замислат. Тука спаѓаат и тестирања во екстремни климатски услови, како во пеколно жешка пустина, така и во смрзнувачки зимски предели.
Замрзнати езера и патишта надвор од секаква цивилизација се совршени услови за дотерување на финесите во подвозјето, вклучувајќи ги различните програми на „копчето за доживување на возењето“, според речникот на BMW. Овие тестирања им овозможуваат на инженерите прецизно следење на динамичките својства на автомобилот, како и точно синхронизирање на работата на системите, како контролата на стабилноста или динамичката контрола на тракцијата.
Како дел од завршното тестирање, тимот експерти на BMW моментно е на северот на Шведска, во прочуеното место Арјеплог, кадешто речиси сите производители на автомобили имаат свои бази за тестирање. Целта на овие тестови со претсериските примероци од новиот BMW X3 е да се провери издржливоста на возилото во услови на студ, мраз и снег. Ова подрачје во историската провинција Лапонија, оддалечено само педесетина километри од Поларниот Круг, нуди идеални услови за тестирање. Снег има во изобилство, температурите се постојано 20 степени под нулата, а има и многубројни замрзнати езера. Овие огромни површини под мраз служат како патеки за тестирање на својствата на управувањето, подвозјето и погонот. Тука се докажуваат и различните технички решенија и се избира најдоброто.
Секако дека ова тестирање е важно и за интелигентниот погон на сите тркала xDrive, којшто тука треба да постигне најдобра можна тракција на лизгава подлога, а во исто време со варијабилната распределба на вртежниот момент да постигне агилна управливост и висока возна динамика.
Новиот BMW X3 ја користи платформата CLAR, исто како и новата серија 5, со којашто меѓу другото се постигнува и заштеда во тежина од околу стотина килограми, додека порационалното искористување на просторот овозможува и поголема кабина. Конкурентот на Audi Q5 и Mercedes GLC ќе биде малку повисоко позициониран во споредба со актуелниот модел, заради поголемо разграничување со X1, којшто во актуелната генерација исто така направи голем чекор напред. Баварците ќе направат уште подрастичен чекор во споредба со конкуренцијата, со пуштањето на електрична верзија од X3. Овој модел сепак ќе биде модификација на стандардниот X3, со неколку измени и во каросеријата. Продажбата на новиот X3 се очекува да стартува во почетокот од следната година.




















