Индустријата е веќе подготвена за водородот како нов светски енергенс, потребно е уште политиката да застане зад совршено чистиот водород и да поттикне изградба на инфраструктура со којашто енергенсот на иднината ќе се донесе поблиску до потрошувачите. За таа цел, тринаесет звучни имиња од глобалното стопанство се здружија во Советот за водород, меѓу кои Mercedes, Toyota и Honda.
Тринаесет водечки компании од енергетиката, сообраќајот и индустријата започнаа глобална иницијатива за промовирање на водородот како главен светски енергенс. Меѓу најголемите предности на водородот е тоа што при неговото искористување не се ослободува јаглероден диоксид. Во последниве години беше постигнат значаен напредок во технологиите и производите што се базираат врз водородот како енергенс и веќе се присутни на пазарот.
Компаниите во Советот за водород значително ќе ги зголемат инвестициите за развој и комерцијализација на водородот, коишто моментно достигнуваат 1,4 милијарда евра на годишно ниво.
https://automedia.mk/objavi/26160
Првата средба на тринаесетте челници на големите компании се одржа во Давос. Советот го сочинуваат Air Liquide, Alstom, Anglo American, BMW, Daimler, Engie, Honda, Hyundai, Kawasaki, Royal Dutch Shell, The Linde Group, Total и Toyota. Со него ќе раководат двајца претседавачи од различни региони и бранши, во моментов од Air Liquide и Toyota.
Водородот ќе одигра клучна улога во трансформацијата на енергетскиот сектор, како во индустријата, сообраќајот и енергетиката, така и во домаќинствата. Но, за тоа да се случи, прво политиката треба да застане зад совршено чистиот енергенс и да пристапи кон изградба на инфраструктура за водородот.
https://automedia.mk/objavi/19853
Toyota веќе го нуди во продажба моделот Mirai со погон на водород, а Mercedes уште годинава ќе стартува со сериско производство на GLC F-Cell. Чистата работа, кусото полнење гориво и големиот досег се предностите при примената на водородот кај автомобилите, наспроти актуелното батериско снабдување со енергија на електромобилите, и секако, конвенционалните мотори со внатрешно согорување.
Компаниите во Советот за водород заедно постигнуваат промет во висина од 1,07 билион евра (1.070 милијарди евра) и вработуваат 1,72 милион лица на глобално ниво.
















