за

Со Lexus LS стартува новото сметање на времето во премиум сегментот

Lexus ја претстави новата генерација на знаменосецот LS … и тоа не менува ништо, освен што со него се поставуваат основите за цела идна генерација модели. Lexus и натаму е единствената премиум марка со јапонско потекло што успешно им се спротивставува на германските или британските благороднички крстосувачи, на LS во петтата генерација му преостанува само да ги усовршува вродените гени. Клиентите спокојно чекаат да им биде испорачан новиот модел, за повеќето од нив не постои двоумење.

Нов дизајн со силуета на купе и просторност каква што доликува на луксузен крстосувач од највисока класа, лесна возливост во комбинација со неспоредлив комфор, унапредени безбедносни системи, ентериер изработен според принципите на јапонската естетика. Толку. Lexus нема што да убедува дека новиот знаменосец LS е подобар, поквалитетен, поиздржлив или покомфорен од претходникот, тој едноставно е создаден да биде „по“ од останатите.

„Над очекувањата за автомобил од луксузната класа“

Престижната марка на Toyota го претстави петтото поколение на LS, како најава за идната генерација луксузни возила што ќе ги претставуваат јапонската култура и традиција. Според главниот инженер Тошио Асахи, „LS неколкукратно ќе ги надмине очекувањата што светот ги поставува пред автомобил од луксузната класа“. Тоа не е кажано напразно.

Lexus LS 500

Возните својства и чувството зад воланот профитираат од новата платформа GA-L, којашто веќе се докажа во купето LC. Новата динамика во возењето не го нарушува основниот принцип на LS, „омотенаши“. Овој јапонски поим за гостопримливост, во LS се толкува како грижа за возачот и патниците, излегување во пресрет на нивните барања, обезбедување највисок комфор и згрижување од опасност.

Знаменосецот поседува најкрута каросерија од кој било модел на Lexus досега, како основа за врвна управливост, највисок комфор и ниско ниво на бучава. Со 3.125 милиметри, меѓусокиното растојание е за 35 милиметри подолго во споредба со продолжената верзија на претходникот. LS отсега ќе се произведува само во една должина на каросеријата.

Сите системи се регулираат централно од VDIM

Сите системи што влијаат врз динамиката и комфорот во возењето, почнувајќи од управувањето и погонот, преку сопирачките до суспензијата, во новиот LS се контролираат централно од VDIM (Vehicle Dynamics Integrated Management). Задача на овој интегриран систем е сите попречни, надолжни и вертикални задвижувања на каросеријата да се сведат на минимум и на тој начин препознатливиот комфор на оваа лимузина да се подигне на уште повисоко ниво.

Lexus LS 500

Голем удел во спојот на динамични возни својства на спортско купе и врвен комфор на луксузна лимузина имаат активните стабилизатори и активното управување на сите тркала. VDIM се грижи стабилноста да се задржи дури и кога едната страна на возилото се наоѓа на лизгава подлога. Намалувањето на тежината за повеќе од 90 килограми, со примена на алуминиум и челик со висока цврстина, исто така учествува во значајна мера во новото чувство во возењето.

Обезбедување најниско можно тежиште при развојот на крстосувачот

Водечко начело при развојот на новата платформа беше тежиштето да се спушти колку е можно повеќе, со пониско вградување на сите можни компоненти на возилото, вклучувајќи го и моторот, па дури и со поставување на седиштата поблиску до средината од возилото.

Со примена на двојни сферични зглобови за попречните водилки на предната и задната мултилинк оска е постигната уште една основа за подигнување на возниот комфор. На тоа се надоврзува и примена на алуминиум за повеќето компоненти од водењето на тркалата, со што се намалуваат инерциските сили од втор ред. Дури и бандажите придонесуваат за комфорот, со шуплива конструкција, којашто придонесува за потиснување на ефектот на резонанција при минување преку нерамнини.

Lexus LS 500

Во споредба со претходникот, лимузината е за 15 милиметри пониска, хаубата е спуштена за 30 милиметри, додека капакот на багажникот е понизок за 40 милиметри. Соодветно на сменетата силуета на купе-лимузина, новиот LS е прв со шест странични прозорци, при што сите стакла се во иста линија со каросеријата.

Принципот на „омотенаши“ треба да се почувствува најуверливо во кабината. Со доплата се достапни седишта што електромотори ги местат во 28 насоки, вклучувајќи и климатизација и масажа. Последниве две функции може да се добијат и за задните седишта – плус шијацу масажа. Седиштето зад совозачот може да се залегне до 48 степени, но и да се заврти за 24 степени, заради полесно излегување од возилото.

Автоматско подигнување на каросеријата заради полесно седнување

Бидејќи каросеријата лежи пониско, Lexus за првпат нуди функција на подигнување на возилото, доколку се нарача пневматска амортизација. Покрај тоа што каросеријата автоматски се подигнува за полесно седнување, кога возачот ќе го отклучи возилото, страниците на седиштата се вовлекуваат – повторно, заради полесен пристап зад воланот.

Lexus LS 500

Осветлувањето на кабината е уште една специјалност на Lexus, исто како и изработката на дрвените панели со традиционална постапка на „шимамоку“, во комбинација со врвна ласерска техника. За да се намали секаква можност во кабината на продрат несакани звуци, звучниците од аудио системот се користат за произведување звук со спротивна фаза.

Бидејќи возењето би било премногу здодевно во таква тивка атмосфера, мора да се повикаат на помош врвни системи за озвучување, секако од традиционалниот партнер Mark Levinson. За способностите на овој систем доволно говори тоа што дел од звучниците се вградени во таванот.

За првпат систем кој не само што запира, туку и ја заобиколува пречката

Врвната безбедносна техника е неразделен дел од имиџот на луксузната марка. Во новиот LS работи единствениот систем којшто откако ќе детектира пешак на патот на возилото, запира, но и дополнително интервенира во управувањето заради избегнување на опасноста – без притоа да се напушти сопствената лента.

Прво пристига Lexus LS 500, со нов 3,5-литарски V6 со битурбо натполнење и моќност од 415 КС, веројатно како замена за осумцилиндарецот во претходникот. Во верзија со заден погон, LS 500 со новиот мотор забрзува до сто километри на час за помалку од 5 секунди. Менувачот е  десетстепен автоматик, познат од купето LC 500, со класичен претворач на вртежен момент, за когошто Toyota тврди дека реагира исто толку брзо како менувачите со двојна спојка.

Lexus LS 500

За моделот со хибриден погон уште нема официјални информации. Верзијата со две срца од технички сродното купе LC користи 3,5-литарски V6 со 295 КС и 348 Nm, кој во комбинација со електромоторот за задната оска дава системски 354 КС. За лимузината е сосема извесно дека ќе се понуди посилна изведба, со верзијата на 3,5-литарецот со турбонатполнење.

Тоа што Lexus уште молчи за својата клучна погонска технологија, само навестува изненадување. Веќе подолго време се шпекулира и околу верзија од LS со погон на водород по пример на прогресивниот Mirai, којашто би стартувала по повод Олимпијадата во Токио во 2020 година. Но, дотогаш уште многу работи ќе се случат во оваа марка.

[FAG id=27073]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault ги престигна Peugeot и Citroen во светската продажба

Тринаесет светски компании во поддршка на водородот како нов глобален енергенс